Berk Kutay Gökmen
25 Ноември 2026•Ажурирано: 25 Ноември 2026
Шест лица загинаа во пад на мал авион во близина на брегот на Мисисипи, а спасувачките екипи ги пронашле нивните тела по повеќечасовна потрага, соопшти денес Американската крајбрежна стража, јавува Анадолу.
Нуркачи од Одделот за морски ресурси на Мисисипи ги пронашле телата на сите шест лица во трупот на авионот, во близина на островот Хорн, соопшти Крајбрежната стража.
Потрагата започнала вчера попладне, откако контролорите на воздушниот сообраќај во Мобил, Алабама, пријавиле дека изгубиле контакт со авион „Цесна 210“ со шест лица, околу 15:45 часот по локално време (21:45 часот по Гринич).
Крајбрежната стража испрати воздушни и поморски екипи и ја координираше потрагата со федералните, државните и локалните агенции. Операцијата траела околу четири часа, пред нуркачите да ги пронајдат лицата во авионот, со што потрагата била завршена.
„Ова е трагичен исход, а нашите најискрени сочувства се со семејствата и најблиските кои се соочуваат со незамислива загуба“, изјави командантот Тревор Блаунт, координатор за операции за потрага и спасување во секторот Мобил на Крајбрежната стража.
Тој им се заблагодари на вклучените служби, истакнувајќи дека нивната координација помогнала да се пронајдат лицата од авионот и да им се донесе мир на нивните семејства.
Извршниот директор на Одделот за морски ресурси на Мисисипи, Џо Спрегинс, исто така изрази сочувство до семејствата на жртвите, оценувајќи го извлекувањето на телата како сериозна и тешка одговорност.
Во операцијата учествувале екипи на Крајбрежната стража, Одделот за морски ресурси на Мисисипи, нуркачи од округот Харисон, полицијата на Паскагула, ФБИ и екипаж на авион Ц-130 на американските воздухопловни сили.
Се очекува Федералната администрација за воздухопловство да ја води истрагата за причините за несреќата.