Oliver Towfigh Nia
27 Февруари 2026•Ажурирај: 02 Март 2026
БЕРЛИН (АА) - Јавниот превоз низ Германија денес е во тотален колапс откако илјадници вработени во транспортот започнаа 48-часовен штрајк, јавува Анадолу.
Метроата, трамваите и автобусите престанаа да сообраќаат или работеа по ограничен вонреден распоред од 3 часот изутрина денес.
Редовниот сообраќај се очекува да продолжи во недела во 3 часот наутро.
Денешниот утрински метеж донесе најсериозни нарушувања во поголемите градови, меѓу кои Берлин, Хамбург, Келн, Диселдорф, Франкфурт, Штутгарт и Минхен, каде што автобускиот, метро и трамвајскиот сообраќај во поголема мера беше откажан.
Синдикатот Вер.ди., еден од најголемите синдикати во земјата, претставува околу 100.000 вработени во транспортниот сектор и во моментов преговара за нов колективен договор во нивно име.
Синдикатот бара намалување на неделните работни часови и должината на смените, зголемување на паузите меѓу смените, како и повисоки надоместоци за работа во ноќни часови и за време на викенди.
Штрајкот не го опфаќа јавниот превоз што го управува железничката компанија Дојче Бан, што значи дека регионалните и меѓуградските возови, како и дел од приградските линии С-Бан, продолжуваат да сообраќаат.