Rabia İclal Turan
08 Октомври 2026•Ажурирано: 08 Октомври 2026
Јеменските Хуси денес соопштија дека го гаѓале Меѓународниот аеродром „Крал Калид“ во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, со балистичка ракета која ја погодила целта, јавува Анадолу.
Воената портпарол на Хусите, Јахја Сари, во соопштение рече дека ракетата го нарушила воздушниот сообраќај на аеродромот.
Сари „за последен пат“ ги предупреди сите авиокомпании во светот за последиците од продолжувањето на летовите во саудискиот воздушен простор.
Тој рече дека саудискиот воздушен простор станал „поприште“ за воените операции на Хусите, додавајќи дека предупредувањето не се однесува на воздушниот простор над муслиманските свети места во Мека и Медина.
Јемен е зафатен од конфликт откако Хусите ја презедоа контролата врз главниот град Сана и неколку провинции во септември 2014 година, што во март 2015 година поттикна интервенција на коалицијата предводена од Саудиска Арабија во поддршка на меѓународно признатата Влада.
Воената ескалација што започна во јули го означи најинтензивното воено дејствување во Јемен од релативното затишје што следуваше по прекинот на огнот постигнат со посредство на ОН во април 2022 година.
Откако судирите се интензивираа во септември, Хусите презедоа контрола врз неколку клучни подрачја во провинциите Худајда и Таиз и напредуваа до островот Мајун во теснецот Баб ел-Мандеб.