Mücahit Oktay
14 Ноември 2023•Ажурирај: 15 Ноември 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, синоќа изјави дека болниците во Појасот Газа треба да бидат заштитени, јавува Анадолу.
Бајден, во друштво на американската прва дама Џил Бајден, присуствуваше на промовирањето на иницијативата за истражување поврзано со здравјето на жените во комплексот на Белата куќа, а во таа пригода, на прашање на новинарите, од Овалната соба ги коментираше ситуацијата во Појасот Газа и израелските напади врз болниците и здравствените домови таму.
„Како што знаете, не се воздржувам да ја изразам мојата загриженост за актуелните настани. Моите надежи и очекувања се дека ќе има помал број акции насочени кон болниците, а во контакт сме со Израелците“, рече Бајден.
Бајден рече дека има надеж, но дека болниците треба да се заштитат.
Под изговор дека палестинската група Хамас ги користи болничките комплекси, Израел со денови врши жестоки напади врз болницата Ал Шифа во Газа, а Хамас ги отфрла овие израелски обвинувања.
Директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, претходно на социјалната мрежа Х напиша дека ситуацијата во болницата Ал Шифа е катастрофална и дека има драматичен пораст на смртни случаи кај пациентите. Тој изјави дека поради недостиг на вода, гориво, струја и лекови, таа болница повеќе не е во можност да дава болнички услуги.