Efe Özkan
05 Август 2026•Ажурирано: 05 Август 2026
Турскиот фудбалски клуб Трабзонспор доцна синоќа официјално соопшти дека започнал преговори за ангажман на египетската фудбалска ѕвезда Мохамед Салах, јавува Анадолу.
„Започнаа преговорите за трансфер на професионалниот фудбалер Мохамед Салах, кој е слободен играч, во нашиот клуб“, се наведува во соопштението што Трабзонспор го достави до Истанбулската берза, а беше објавено и на турската Платформа за јавно обелоденување.
Во посебно соопштение клубот информира дека Салах денес во 12:00 часот по локално време (09:00 часот по Гринич) ќе пристигне на Терминалот за генерална авијација на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул. Истиот ден во вечерните часови се очекува да пристигне и во Трабзон.
Триесет и четиригодишниот Салах во март објави дека ќе го напушти англискиот премиерлигаш Ливерпул по завршувањето на сезоната 2025/2026.
Салах во дресот на Ливерпул ја освои Лигата на шампионите на УЕФА, две титули во Премиер лигата, Светското клупско првенство на ФИФА, Суперкупот на УЕФА, ФА Купот и два трофеја во англискиот Лига куп.
Тој стана најдобар стрелец на Ливерпул во историјата на Премиер лигата, најефикасен странски фудбалер во историјата на англиската елита, како и најдобар африкански стрелец во историјата на Лигата на шампионите.
Меѓу неговите индивидуални признанија се две награди за најдобар африкански фудбалер во изборот на Африканската фудбалска конфедерација (КАФ), две награди на Би-би-си за најдобар африкански фудбалер, повеќе признанија „Златна копачка“ во Премиер лигата, како и повеќекратни избори во идеалните тимови на ФИФА и на континенталните фудбалски организации.
Според повеќе непотврдени медиумски извештаи, Салах преговара за двегодишен договор со годишна плата од 17 милиони евра (19,6 милиони долари).