Bakir Tiro
01 Септември 2023•Ажурирај: 04 Септември 2023
МОНТЕ КАРЛО / САРАЕВО (АА)
- Бакир ТИРО
Како дете, како и многумина други, гледав фудбал и набљудував, особено кога играчите славеа, и си помислував - би сакал да сум јас тоа. И, некако, со самото тоа ми беше природно да станам напаѓач, рече Ерлинг Халанд, играчот на Манчестер Сити и на репрезентацијата на Норвешка, кого синоќа во Монте Карло, Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) го награди со титулата „Фудбалер на годината“ на тлото на Стариот Континент за изминатата сезона.
„Со пријателите тогаш вежбав како да се слави кога ќе постигнеш погодок. Вежбав различно прославување на голови“, зборуваше Халанд на ексклузивната конференција за медиумите на која пристап имаа само новинарите од жирито на УЕФА за најдобар фудбалер и фудбалерка во Европа.
На прашањето дали причина на неговиот успех е талент, Халанд одговори:
„Тешко дека е талент. Не знам дали баш бев роден со талент. Всушност, не мислам дека бев премногу талентиран. Многу напорно работев, па нормално дојде разбирањето на играта и сето останато што оди со тоа. Го сакам ова чувство. Затоа и го правам ова што го правам.“
Халанд нагласи дека изминатата сезона е најдобра во кариерата, бидејќи со Манчестер Сити ја освои УЕФА Лигата на шампиони, но стана и првак на Англија.
„Го живеам својот сон. Со играчите остваривме голем успех изминатата сезона, меѓутоа, сето тоа ми дава нова мотивација да продолжам во сличен ритам во сезоните што следуваат“, зборуваше Халанд.
Соодветно на тоа, и наградата на УЕФА за најдобар тренер на годината замина во редовите на Сити, бидејќи за најдобар во изминатата сезона е прогласен менаџерот на популарните „граѓани“, Шпанецот Жузеп Пеп Гвадиола.
„Пеп е одличен тренер, но и многу бара од играчите. Сите го знаат тоа, сите можат и самите да го видат тоа“, рече Халанд, а за она што му било најтешко на патот до успехот, тој рече:
„Кога пристигнав во Манчестер Сити не ми беше лесно, бидејќи станува збор за клуб кој не навикнал да игра со класичен напаѓач, што за мене беше уште поголем предизвик да покажам дека можат да играат уште повеќе напаѓачки. Многумина ми говореа дека избрав погрешен клуб, дека погрешив што дојдов во Сити. Тоа е нормално, луѓето секогаш ќе коментираат. Моја работа е да докажам дека не се во право. Тоа е голем клуб, не беше лесно. Има многу натпревари и искрено, не знам што ми беше најголем предизвик. Но, еве, испадна добро.“
Халанд (23) смета дека во наредниот период дополнително ќе напредува, дека ќе биде уште подобар.
„Пред да дојдам во Англија работев со тренери на многу нешта кои сакав да ги унапредам. Имам уште многу нешта да учам. Може да се подобрам. Млад сум и среќен сум поради тоа, бидејќи можам да станам уште подобар. На совршено место сум за развој. Тимот на Пеп работи совршено на тоа поле. Среќен сум што можам да надоградувам различни нешта и да се развивам како играч“, истакна Халанд.
Тој верува дека во годините што следуваат, ќе постигне значителни резултати и со националниот тим на Норвешка.
„Искрено, не е можно да бидам првак и со Норвешка. Тоа е искрен одговор. Посакувам да постигнам многу нешта со Норвешка и се надевам дека во животот ќе имам можност да освојам европско или светско првенство со својата земја. Тоа е мојата цел. Ќе работам многу тоа и да се оствари. Мојата земја го заслужува тоа“, рече Халанд, кој е прогласен за најдобар играч на Европа во изборот на УЕФА, каде во потесна конкуренција се најде со неговиот соиграч, Белгиецот Кевин де Брујне и доскорешниот фудбалер на ПСЖ, Аргентинецот Лионел Меси.