Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, со серија пофалби истакна дека Турција, преку организацијата на трите европски финалиња од 2019 година до денес, дефинитивно докажала дека има сè што е потребно за да биде домаќин на најголемите фудбалски спектакли, јавува Анадолу.
Во ексклузивно интервју за Анадолу, Чеферин нагласи дека Турција не треба да се гледа како нација во подем кога е во прашање фудбалот, туку како вистинска велесила.
„Кога ќе дојдете овде, ги гледате стадионите, клубовите, навивачите, огромното медиумско внимание, како и максималната посветеност на Владата и Федерацијата, сите потребни коцки се поклопени“, изјави тој.
„Но, пред сè, овде се чувствува онаа автентична фудбалска треска. Во Турција фудбалот се живее секој ден, а не само кога има натпревари. Тоа е вашата најголема сила, но воедно и огромна одговорност.“
Чеферин упати пофални зборови и за односот со Фудбалската федерација на Турција (ТФФ), опишувајќи ја соработката како професионална и конструктивна.
„Исклучително го почитувам вашиот претседател Ибрахим Хаџиосманоглу. Не само поради сериозноста и решителноста што ја покажа во решавањето на прашањата поврзани со интегритетот во турскиот фудбал, туку и поради искреноста и топлината со кои пристапува кон својата улога“, истакна Чеферин.
„Тој очигледно разбира дека транспарентноста и одговорноста се клучни за кредибилитетот на играта, а неговите напори помагаат да се врати довербата во целиот процес кај клубовите, играчите, судиите, но и кај самите навивачи.“
- Вртоглавиот подем на Турција како елитен фудбалски домаќин -
На прашањето за тоа дали УЕФА е задоволна од организацијата на Суперкупот во 2019 година и големото финале во Лигата на шампионите во 2023 година, Чеферин одговори дека УЕФА не би се враќала одново и одново во Истанбул доколку нема целосна доверба во градот и во самата федерација.
„Суперкупот во 2019 година, финалето во Лигата на шампионите во 2023 година, а сега и финалето во Лигата на Европа во 2026 година на стадионот на Бешикташ, сите тие се жив доказ дека Турција знае како да приреди вистински спектакл за најголемите настани на УЕФА“, вели тој.
„Транспортот, безбедноста, протокот на навивачи, како и самото пристигнување и заминување од стадионот се сегменти каде што сè уште можеме да го подобриме целосното искуство за фановите. Но, генералниот заклучок е дефинитивно позитивен.“
Тој го нарече Истанбул „еден од најголемите европски фудбалски градови“, додавајќи дека „секогаш е вистинско задоволство да се вратиш тука“.
- ЕВРО 2032 и врвната инфраструктура на стадионот -
Чеферин не штедеше комплименти ниту за стадионите во Турција во пресрет на Европското првенство во 2032 година, кое земјата заеднички ќе го организира со Италија.
„Многу земји во Европа веќе 20 години само зборуваат за нови стадиони, а на крајот ништо не се случува“, дециден е тој.
„Турција премина од зборови на дела и изгради извонредни објекти. Токму во тоа е големата разлика.“
„Вашата земја го препозна тоа навреме и стекна сериозна предност во однос на многу европски држави“, додаде првиот човек на УЕФА.
- Очекувањата за Турција на Светското првенство во 2026 година -
Чеферин напомена дека Турција не требаше да чека цели 24 години за да се врати на светските првенства и дека очекува националниот тим да биде максимално мотивиран на претстојниот турнир во 2026 година.
„Сега задачата не е само да се учествува, туку да се покаже став на екипа која стопроцентно припаѓа таму. Бидете храбри и конкурентни“, порача тој.
„Очекувам да бидете репрезентација со која никој нема да сака да си ги одмери силите.“
- Чеферин го пофали талентот на турските играчи од средниот ред -
На прашањето кои турски фудбалери оставиле најсилен впечаток кај него, Чеферин го пофали високиот квалитет на средниот ред на националниот тим.
„Многу малку репрезентации во светот можат да се пофалат со толку талентиран среден ред каков што има Турција“, истакна тој.
Арда Ѓулер и Кенан Јилдиз „се исклучително талентирани, тие се сегашноста и иднината на европскиот фудбал“, додаде тој, додека за Хакан Чалханоглу потенцираше дека „тој го носи потребниот авторитет и богатото искуство“.
- Апел до турските клубови: Се бара континуитет во Европа -
Чеферин рече дека турските клубови треба да се стремат кон континуиран успех во Европа наспроти повремени достигнувања.
„Враќањето на Галатасарај на големата европска сцена е многу важен сигнал. Галатасарај покажа шампионски амбиции: ја освои четвртата по ред титула во Суперлигата и стигна до осминафиналето во Лигата на шампионите“, изјави тој.
„Турските клубови не смеат да се задоволуваат само со емотивни победи или со една голема ноќ. Тие мора да бидат меѓу главните протагонисти во натпреварувањата на УЕФА секоја година, вклучително и Лигата на шампионите.“
Првиот човек на УЕФА исто така упати пофални зборови за неодамнешните европски изведби на Галатасарај, Фенербахче, Бешикташ, Истанбул Башакшехир и Сиваспор.
- Трпение и долгорочен план во турскиот фудбал -
„Напредокот е очигледен, но следниот чекор е многу потежок: да се натпреварувате секоја година, без да се доживува тоа како чудо“, вели Чеферин.
Слабоста на турскиот фудбал, според Чеферин, лежи во нетрпеливоста, и тој нагласи дека премногу одлуки се носат со зовриени емоции и дека голем број клубови сè уште размислуваат краткорочно.
„Доколку Турција сака да направи чекор напред, не е доволно само да се купуваат славни играчи или да се градат неверојатни стадиони“, заврши тој.
„Потребни ви се академии, тренерски кадар, судење, финансиска дисциплина и развој на женскиот фудбал. Инвестирањето во младите е секогаш најдобриот пат.“