Bedrudin Brljavac
06 Март 2020•Ажурирај: 09 Март 2020
РИМ (АА) - Претседателот на Јувентус, Андреа Ањели, вчера изјави дека Аталанта како мал клуб нема што да бара во Лигата на шампиони, што предизвика бројни реакции во Италија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Брзо дојде одговор од Бергамо, градот од којшто доаѓа Аталанта, која последните години постигнува одлични резултати.
„Го почитувам Андреа Ањели, но навистина не можам да се согласам со него. Во споредба со елитата, со богатите и славните, многу повеќе го сакам резултатот постигнат на теренот и заслугите на оние кои претставуваат провинциски град кој го заработил своето место во Европа со пот и имагинација. Тоа се нарекува спорт“, рече градоначалникот на Бергамо, Џорџо Гори.
Претседателот на Торино, Урбано Каиро, изјавата на Ањели, исто така, ја нарече апсурдна и штетна.
„Спортот е за секого, не само за големите и богатите. И вака распределбата на пари честопати е несразмерна, а ако тие самите би играле во своја лига, тогаш разликата меѓу богатите и останатите би била уште поголема. Ова сериозно ќе им наштети на конкурентноста и привлечноста на домашните лиги“, рече Каиро.