Gizem Nisa Çebi Demir, Seyit Şamil Kurt
01 Септември 2026•Ажурирано: 01 Септември 2026
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Турција ќе се стреми да ја продлабочи соработката со Шангајската организација за соработка (ШОС), која ја опиша како „ѕвезда во подем“, јавува Анадолу.
„Ќе се стремиме да ја унапредиме нашата соработка со Шангајската организација за соработка, која ја гледаме како ѕвезда во подем, во секоја област“, рече Ердоган на состанокот на ШОС Плус во главниот град на Киргистан, Бишкек.
„Шангајската организација за соработка, која претставува 3,5 милијарди луѓе и 35 билиони долари бруто-домашен производ, е неопходен елемент на мултиполарниот поредок“, додаде тој.
Ердоган истакна дека Турција ја презема одговорноста за решавање на конфликтите преку дијалог и дипломатија и ќе продолжи да работи за мир, спокојство и стабилност низ целиот свет.
„Веруваме дека организацијата ќе игра улога не само во обезбедувањето мир и стабилност, туку и во воспоставувањето безбедни транспортни коридори и осигурувањето безбедност на снабдувањето со енергенти“, рече Ердоган.
Тој истакна дека Турција има цел да го направи својот дел во борбата против негативните влијанија од климатските промени и ќе биде домаќин на самитот КОП31 во Анталија на 11 и 12 ноември.
„Сакаме иницијативата за средниот коридор што минува низ Каспиското Море да биде усогласена со иницијативата 'Еден појас, еден пат' и ѝ даваме големо значење на соработката во рамките на организацијата“, додаде Ердоган.
Осврнувајќи се на Газа и Либан, Ердоган рече дека 74.000 луѓе се убиени во израелските напади и предупреди дека целиот регион ја плаќа цената за тоа што тој го нарече агресивна политика.
„Меканскиот одбранбен сојуз, заснован врз регионална сопственост и колективно одвраќање, ќе даде значаен придонес кон регионалниот и глобалниот мир и стабилност“, истакна Ердоган.