Mehmet Yusuf Melikoğlu,Kaan Bozdoğan
17 Април 2023•Ажурирај: 18 Април 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Истанбул повторно ќе ја преземе задачата на финансиски центар на земјата, токму онака како што бил во минатото, известува Анадолу.
Ердоган присуствуваше на церемонијата на отворањето на банкарскиот оддел, со што со работа започна новоизградениот комплекс на истанбулскиот Финансиски центар што ќе ги собере големите финансиски институции од Туркије и пошироко.
Новоизградениот Финансиски центар Истанбул е уште еден во низата турски мегапроекти што имаат најголема и најнапредна инфраструктура на светот и секако ќе биде гордост на Истанбул и на Туркије со својот архитектонски дизајн и врвни можности и капацитети.

Претседателот на Туркије, Ердоган, во своето обраќање пред присутните истакна дека раководството на земјата се труди на овој начин, со позитивни вести и продолжување на инвестициите и развојот, да ги ублажи болката и тагата на нацијата што во февруари беше погодена од разорни земјотреси со епицентри во турската јужна област Кахраманмараш.
Ердоган рече дека на повеќевековните глобални центри Њујорк и Лондон, на глобалната сцена им се придружиле и центри, како што се Дубаи, Сингапур и Хонгконг и дека од таа причина е сосема јасно дека пазарот се лизга од запад кон исток.
„Во тој контекст, сѐ поголемата комерцијална конкуренција меѓу Азија и Европа и геополитичката положба на нашата земја отвораат нови можности за Истанбул. Нашите цели ги подигнавме за едно скалило погоре со моделот на турската економија, која се темели врз растот на нашата земја низ инвестиции, вработувања, производство, извоз и суфицит на тековната сметка. Веруваме дека Истанбул, кој во историјата служел и како географски и трговски мост меѓу истокот и западот, има потенцијал да воспостави иста врска меѓу денешните финансиски пазари“, рече Ердоган.
Ердоган на отворањето на Финансискиот центар Истанбул рече дека неговата вредност и колку тој е стратегиски, визионерски проект ќе биде појасно во годините што доаѓаат.
„Новоизградениот Финансиски центар Истанбул ќе создаде нов финансиски екосистем во Истанбул, место каде што се соединуваат три континенти“, порача Ердоган и додаде дека дејствувањето на домашните и странските финансиски установи во овој центар значително ќе придонесат за економијата на Туркије.
Финансискиот центар Истанбул ќе биде домаќин на голем број турски и меѓународни гости со своите 1,3 милиони квадратни метри канцелариски простор, трговски центар на површина од 100.000 квадратни метри, конгресен центар со 2.100 столчиња, хотел со пет ѕвезди и модел на паметен град.

Во банкарската фаза од почетокот на работењето на големиот финансиски проект ќе бидат отворени деловните единици Вакифбанк, Зираат Банк и Халк Банк.
Забележан е огромен интерес за канцелариски и малопродажни простори во рамките на овој проект.
Центарот има 21 деловен објект опремен со најсовремена технологија. За канцелариите и за трговскиот центар имаше поголема побарувачка од нивниот капацитет многу пред отворањето. Проектот, кој ги собира сите системи за управување во зградите од класа А под еден покрив, е дизајниран според највисоките светски стандарди и според моделот на паметен град. Сите канцеларии во проектот се опремени со прозорци со отворање и системи за вентилација со УВ-филтер.
Трговскиот центар, кој ќе биде домаќин на 100.000 посетители дневно, ќе содржи продавници на домашни и странски светски познати ресторани и малопродажни брендови. Ќе овозможи шопинг под отворено небо на два ката, кои опфаќаат вкупно 3,3 километри улици и плоштади. Во текот на денот ќе се нуди широк спектар на услуги и брендови, со гастрономија, облека, технологија, уметност, забава и други малопродажни категории во самиот центар.
Лоциран во Финансискиот центар Истанбул, хотелот со пет ѕвезди е дизајниран за долгорочно сместување, имајќи ги предвид потребите на посетителите. Ќе има 325 соби и приближно 80 типа соби погодни за долгорочно сместување.