Diyar Güldoğan
22 Септември 2022•Ажурирај: 23 Септември 2022
АНКАРА (АА) ‒ Поздравувајќи ја размената на затвореници меѓу Русија и Украина, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека Анкара ќе продолжи со напорите да обезбеди мир меѓу двете земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Нашите напори за воспоставување мир меѓу Русија и Украина продолжуваат. Им благодарам на рускиот претседател Владимир Путин и на украинскиот претседател Владимир Зеленски што овозможија размена на затворениците. Тоа нѐ направи многу среќни“, изјави Ердоган на новинарите вчера во Центарот „Туркеви“ во Њујорк.
Ердоган ова го изјави веднаш откако Русија и Украина разменија 200 воени заробеници како резултат на посредништвото на Туркије и дипломатските напори спроведени со лидерите на двете земји.
„Туркије сега, со оваа размена на затвореници, го доби резултатот од верувањето во моќта на дијалогот и дипломатијата“, додаде тој.
Ердоган изјави дека ќе одржи телефонски повик со Путин и Зеленски веднаш штом се врати од Њујорк, каде што се обрати пред Генералното собрание на ОН.
Тој додаде дека ОН треба да преземат иницијатива и да вложат повеќе напори за решавање на конфликтот меѓу Русија и Украина.
„За жал, ОН не можеа да ја прекинат војната, не можеа да го запрат крвопролевањето, ниту да најдат решение за енергетските и прехранбените кризи кои се појавија како резултат на војната. Напорите на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, за воспоставувањето на коридорот за жито за ова прашање донекаде ги увери ОН, но нема сомнеж дека треба да се вложат повеќе напори за да се стави крај на војната“, рече Ердоган.
Туркије, ОН, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул на 22 јули за повторно започнување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, кој беше прекинат по почетокот на Руско-украинската војна во февруари.
„Единствената цел на Анкара е да се стави крај на крвопролевањето и да се воспостави мир откако во февруари започна Руско-украинската војна“, рече Ердоган, додавајќи: „Ние секогаш сме ја изразувале нашата посветеност на територијалниот интегритет, суверенитет и политичко единство на Украина од анексијата на Крим во 2014. Од почетокот на Руско-украинската војна, нагласивме дека чекорите преземени од Русија во овој момент се неправедни и неприфатливи.“
Ердоган рече дека Туркије е за дипломатско решавање на кризата и на отворените прашања.