Yıldız Nevin Gündoğmuş
26 Август 2019•Ажурирај: 27 Август 2019
МУШ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес истакна дека Турција нема да ја одвратат никакви политички или економски интереси од изнесувањето на вистината, од борбата за правда и поддршка и заштита на угнетените и обесправените, јавува Anadolu Agency (AA).
Во источна Турција денес се одбележува 948-годишнината од историската Битка кај Манцикерт (Малазгирт), а на десетиците илјади граѓани им се обрати и турскиот претседател Ердоган.
Тој говореше за значењето на битката, која историчарите ја опишуваат како отворање на вратата на Анадолија за продор на Османлиите кон Запад. Ердоган им оддаде почит на сите храбри борци, кои ги дадоа своите животи за татковината.
„Некои кругови и пред сто години го прогласија Османлиското Царство за болно и планираа прогон во Централна Азија, но плановите им ги потонавме со храбрите битки на Чанаккале, опсадата кај Кут ал Амара и со борбата за нашата независност“, рече Ердоган.
Тој истакна дека во знак на сеќавање на таа историска победа е креирана и Визијата за развој на Турција до 2071 година и дека скалилото е значајно подигнато.
„Можеби ние и нема да го доживееме, но верувам дека за половина век Турција ќе биде една од најсилните земји на светот со уште поголеми визии и цели“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека Турција води одлучна борба против терористичките организации, вклучувајќи ја и ПКК, Ердоган изрази надеж дека нејзината борба за правда ќе биде извојувана и на подрачјето на соседните Ирак, Сирија, Медитеранот и пошироко.
Тој истакна дека во Сирија секојдневно страдаат невини луѓе во масакрите на силите лојални на режимот на сирискиот претседател, Башар ал Асад, и терористичките групи.
Коментирајќи го неодамнешниот договор на Турција и САД за формирање безбедносна зона во северна Сирија, Ердоган рече дека тоа е плод на одлучната турска дипломатија.
Порача дека наскоро се очекуваат и заеднички турско-американски патроли во тој регион, но и дека Турција нема да толерира доцнења и одолговлекувања, туку дека има подготвен и сопствен план за неутрализација на терористите и воспоставување мир источно од реката Еуфрат.
Инаку, Битката кај Манцикерт, односно кај денешниот град Малазгирт во источна Турција, се случила во 1071 година кога турските Селџуци, под водство на султанот Алп Арслан, го победија византискиот цар Роман IV. Последица на поразот била ослабената одбранбена моќ на Византијците, но и доселувањето на туркијското население во историската област Анадолија.
Битката кај Малазгирт во историјата се смета за пресуден момент, кој е директно одговорен за подоцнежното пропаѓање на Византија, а Селџуците, понесени од победата во таа битка, ги продолжија своите победнички походи во Мала Азија.