Sena Güler
20 Април 2020•Ажурирај: 21 Април 2020
АНКАРА
Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган по состанокот на кабинетот одржан по пат на видеоконференција изјави дека главна точка на дневниот ред била борбата против коронавирусот, потенцирајќи дека неговата земја навремено ги преземала потребните мерки против пандемијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
„На состанокот главна точка на дневниот ред беа активностите што ги направивме и кои планираме да ги направиме во рамките на борбата против пандемијата на коронавирусот. Исто така, разговаравме и за нашите најважни безбедносни прашања, вклучувајќи ги и случувањата во Сирија, Либија и во Егејското Море“, рече Ердоган.
Тој истакна дека мерките што турската власт ги презеде во рамките на борбата против пандемијата веќе даваат резултати.
„Почнавме да ги собираме резултатите што ги презедовме со цел спречување на проширување на пандемијата на коронавирусот“, рече трускиот претседател, додавајќи дека Турција планира да го продолжи полицискиот час за време на викендот во 31 област од државата на 4 дена, во периот од 23 до 26 април.
„Наша цел е, строго применувајќи ги воведените мерки, да се намали текот на епидемијата на ниво кое ќе ѝ овозможи на нашата земја да се врати во нормала по Рамазанскиот Бајрам“, рече Ердоган и додаде дека турските компании веќе почнале да произведуваат некои клучни лекови.
„Напорите што ги вложивме на полето на наменската индустрија ќе ги продолжиме и во сите други клучни сектори, пред сѐ во оние кои се однесуваат на медицинската опрема и лековите. Нашите локални компании веќе почнаа да произведуваат клучни лекови, кои веќе ги имаме во доволни количини“, рече претседателот на Турција.

Ердоган истакна и дека турските сили во предходните две недели неутрализирале на десетици терористи.
„Во изминатите две недели неутрализиравме вкупно 38 терористи“, додаде Ердоган.
Ердоган се осврна и на случувањата во Либија, потенцирајќи дека е потребно да ѝ се даде силна поддршка на легитимната влада на таа земја.
„Уште еднаш ја повикувам меѓународната заедница да ја поддржи легитимната влада на Либија против пучистот Хафтар“, истакна претседателот на Турција.
Зборувајќи за последните случувања во Сирија, Ердоган го нагласи значењето на договорот што на 5. март неговата земја го постигна со Русија.
„Посветеноста кон договорот што Турција и Русија го постигнаа на 5. март во врска со Идлиб претставува препрека и за нападите од страна на режимот на Сирија. Исто така, нема да ги толерираме подлите организации кои изведуваат провокативни акции со цел да ја загрозат атмосферата на примирје во Идлиб“, рече претседателот на Турција Ердоган.