Од хоби до мисија: Столарска работилница што ги спојува децата и заедницата
- Во столарската работилница, која имамот Умит Онат ја основал од хоби во маалото Текеќој во Инегол, децата се обучуваат за основни столарски работи
Kadir İnci
04 Септември 2026•Ажурирано: 04 Септември 2026
photo: Kadir İnci / AA
БУРСА
Столарската работилница што имамот на џамијата, Умит Онат, ја основал од хоби во маалото Текеќој во округот Инегол во турскиот град Бурса придонесува за развојот на мануелните вештини на децата и задоволување на потребите на маалото, пишува Анадолу.
Имамот на џамијата во маалото Текеќој, Онат, три дена во неделата во работилницата од 35 квадратни метри, која ја основал во комплексот на џамијата каде што служи и ја нарекол „Работилницата на оџата“, ги учи децата на основните столарски вештини, со цел корисно да го минуваат слободното време.
Дванаесет деца, под надзор на возрасни, практично изведуваат работи, како шмирглање и лепење дрвени делови, но не им е дозволено да ракуваат со машините.
Фотографија : Kadir İnci/AA
Дрвените производи изработени во работилницата, каде што има фреза, машина за аголно сечење, ренде и разни рачни алати, се користат за задоволување на различни потреби на џамијата, културниот дом и маалото. Во работилницата се изработуваат и куќички за птици, со цел да се зајакне врската на децата со природата.
- „Работиме на задоволување на потребите на селото и џамијата“ -
Онат за Анадолу раскажа дека работилницата ја основал од хоби и дека работат на задоволување на потребите на маалото и џамијата.
Посочувајќи дека во работилницата им овозможуваат и на децата да ги научат основните столарски работи, Онат вели: „Ова е работилница основана од хоби. Работиме на потребите на селото, џамијата и службениот стан. Се обидуваме безбедно да ги произведеме материјалите што се потребни.“
Онат истакна дека покрај образованието на децата му придаваат значење и на развојот на нивните мануелни вештини и посочи: „Се обидуваме да ги насочиме нашите деца да се образоваат, но и да бидат вешти со рацете. Велиме: ‘Подобро е да се биде вреден, а не мрзлив’.“
Раскажувајќи дека при основањето на работилницата бил инспириран и од дрвените изработки на султанот Абдулхамид, Онат истакна дека цел им е децата слободното време да го минуваат со продуктивна работа.
- „Ги поддржува нашите деца преку обука“ -
Претседателот на Здружението на производители на мебел и столари од Инегол, Јасин Алтунтепе, рече дека Онат ги користи своите столарски вештини за потребите на маалото и џамијата.
Фотографија : Kadir İnci/AA
Посочувајќи дека Онат во слободното време работи со дрво, Алтунтепе вели: „Со претприемачкиот дух на Инегол овде изработува различни работи како скали, столови и декоративни производи. Освен тоа, се обидува да ги поддржи и нашите деца преку обука. Како Здружение на производители на мебел и столари, му благодариме за овие активности.“
- „Стекнувањето стручни знаења е многу убаво“ -
Мухтарот на маалото Текеќој, Мехмет Јилдирим, рече дека децата со имамот Онат во работилницата изведуваат основни работи со дрво.
Посочувајќи дека откако ќе стекнат верски знаења, децата го минуваат слободното време во работилницата, Јилдирим објаснува: „Тие не работат со машини. Учaт работи како лепење и шмирглање. Во нашето село работиме на различни потреби, како што се нашата џамија и културниот дом. Изработуваме и куќички за птиците во природата.“
Јилдирим раскажа дека децата со задоволство доаѓаат во работилницата и вели: „И нивните мајки и татковци ги поддржуваат. Стекнувањето стручни знаења е многу убаво нешто. Нека се образоваат, но и нека стекнат професија. Убаво е да знаат да држат чекан и да научат нешто.“
- „Овде учам столарство“ -
Осумгодишниот Мустафа Кемал, кој работел во работилницата, рече дека придонесуваат за маалото и истовремено стекнуваат нови вештини.
Посочувајќи дека го учат столарскиот занает, Кемал рече: „Ми се допаѓа и со задоволство го работам. Овде учам столарство.“
Од хоби до мисија: Столарска работилница што ги спојува децата и заедницата