Şengül Oymak
24 Јуни 2019•Ажурирај: 26 Јуни 2019
КОЏАЕЛИ (АА) - Во природниот парк „Орманија“, сместен во местото Картепе, во турската област Коџаели, постои камп за приколки и шатори кој го посетуваат странски туристи, пишува Anadolu Agency (AA).
Во писменото соопштение што го објави Гувернерството на Општина Коџаели се истакнува дека на површина од 4.000 декари зелена површина се протега најголемиот природен парк во Европа, „Орманија“, во кој љубителите на природата имаат можност во безбедна околина да кампуваат со своите приколки и шатори.
На камперите им се обезбедени сите основни услови. Имаат 24-часовно обезбедување, сите услови за лична хигиена, тоалет, вода, приклучок за електрична енергија, одделни станици за надополнување на приколките и трејлерите. Покрај домашните, голем интерес за „Орманија“ покажуваат и странските туристи.

Едно од местата што германските и британските туристи ги посетуваат при нивната тура низ Турција е и природниот парк „Орманија“.
Странските туристи, кои со приколки и шатори се сместуваат во кампот, за време на својот престој во „Орманија“ со своите деца одат на прошетка низ природниот парк, во кој живеат повеќе од 800 животни од 73 вида.
Камперите при прошетката низ Орманија имаат можност да хранат лемури и да видат кенгури.

- „Нема потреба да се оди на Нов Зеланд за да се видат домовите на Хобитите“
Британката Ен Клејв Виџт, која кампира во „Орманија“, истакна дека многу ѝ се допаднал кампот и додаде: „Ова е уникатно подрачје. Особено за децата, извонреден простор. Многу вредна активност за пикник во Турција. Многу убаво е што се подготвени специјални простори за такви активности. Во голем број места во Турција сретнавме луѓе кои излегле на пикник. Покрај нивното извонредно гостопримство, морам да истакнам дека поседуваат и камперска култура.“
Германскиот пар Мари и Мануел Доитен, кој заедно со своите деца тргнал на тура низ Турција, се едни од туристите кои престојуваат во делот за приколки и шатори во природниот парк „Орманија“.

„Нема потреба да се оди на Нов Зеланд за да ги видиме домовите на Хобитите. Воопшто не очекувавме нешто вакво, сето ова е неверојатно искуство за сите нас, особено за децата. Постои дел за диви животни и тој дел е вистинско богатство. Воодушевени сме од сето она што го нуди природниот парк „Орманија“ и кампот кој е дел од него“, рече Мари Доитен.