Şebnem Coşkun, Yunus Emre Günaydın
13 Август 2026•Ажурирано: 13 Август 2026
Уличните мачки во Истанбул, кои се меѓу првите што ги поздравуваат многуте дуќанџии кога наутро ги отвораат своите продавници, ги пречекуваат патниците на траектните пристаништа, одмораат во дворовите на џамиите и со години го делат истото катче во тесните улички на историските чаршии, се меѓу најпрепознатливите симболи на градот.
Додека во многу градови во светот уличните животни постојат како невидлив дел од урбаниот живот, во Истанбул мачките со векови се сметаат за еден од симболите на маалската култура, солидарноста и заедничкиот живот.
Уличните мачки, кои жителите на маалата ги повикуваат по име, ги хранат и ги носат на лекување кога ќе се разболат, имаат свое посебно место и во културната меморија на градот.
Уличните мачки и понатаму се еден од неразделните елементи на историскиот и културниот идентитет на Истанбул.
Новинарите на АА ги фотографираа уличните мачки, кои станаа своевиден симбол на Истанбул.
Мачките, кои се прифатени речиси како жители на маалото, го делат секојдневието со луѓето пред дуќаните, на траектните пристаништа, во рибарските засолништа, во дворовите на историските џамии, меѓу полиците со книги во антикварниците, во продавниците за теписи во Големата чаршија и на плоштадите.
– Мачките во Сахафлар-чаршија живеат меѓу историските книги
Ѓрѓир, кој живее во историските улички на Балат, секој ден ги пречекува туристите пред еден дуќан исполнет со мирис на свеќи.
Нар, кој живее во истото маало, за свој дом ја избрал малата продавница каде што се изработува керамика со мотиви од Истанбул. Благодарение на врската што ја создал со сопственикот на дуќанот, Нар станал еден од најпознатите жители на маалото, а привлекува внимание и кај посетителите.
Во книжарницата „Дилмен“ во Сахафлар-чаршија во Бејазит редовни „гости“ се Наџије, Ѓумуш, Шакир и Садо. Мачките, кои со години живеат меѓу историските книги, се сметаат за неразделен дел од дуќанот. Многу посетители кои доаѓаат да купат книги прво ги поздравуваат нив, пред да ги разгледаат полиците.
Караоѓлан, што живее во дуќанот на Неџип Аџикѓоз, кој повеќе од 60 години се занимава со продажба на теписи во Капали-чаршија, исто така е меѓу најпознатите мачки во чаршијата. Тој ги пречекува клиентите на вратата и во текот на целиот ден не го напушта дуќанот.
Белата мачка која ги чека патниците на постојката за „Адабус“ на Хејбелиада со години е дел од секојдневната рутина на жителите на островот.
– Од метрото до тезгата, мачките секаде се дел од животот
Во Умраније, мачка се качува во лифтот на метро-станицата „Чарши“ и со него се спушта до улицата, што претставува еден од примерите за соживотот на луѓето и животните во Истанбул.
Во Ускудар, тезгата на уличниот продавач со оштетен вид Месут Север е едно од омилените места на мачките. Мачките, кои во текот на целиот ден му прават друштво на Север, одмораат околу тезгата.
Мачките кои се движат низ шарените улички на Кузгунџук со поглед кон панорамата на Истанбул продолжуваат да оставаат трага не само на улиците, туку и во колективната меморија на градот.