Uğur Aslanhan
01 Октомври 2026•Ажурирано: 01 Октомври 2026
Турската недела на иновации (TIW26) од 15 до 17 октомври во Истанбул ќе ги собере светските експерти за да разговараат за големите трансформации што вештачката интелигенција (ВИ) ги носи во деловниот свет, јавува Анадолу.
Самитот, чиј домаќин е Собранието на турските извозници (ТИМ), ќе се фокусира на начинот на кој ВИ ги менува деловните модели и корпоративните структури. Анадолу е глобален комуникациски партнер на настанот.
Поранешниот професор на Харвардската бизнис-школа, Притвираџ Чодури, ќе зборува за иднината на работата, со фокус на начинот на кој луѓето ќе соработуваат со автономни системи на ВИ на работното место.
Стратегот за ВИ, Дарон Јондем, кој работел на ВИ и организациската трансформација по ангажманите во „Мајкрософт“, ќе ги разгледа новата ера на ВИ и начинот на кој технологијата се движи од генерирање содржина кон директно извршување задачи.
Глобалниот експерт Андреас Вил Гердес ќе зборува за пошироките структурни промени во работната сила, вклучително и ширењето на работата на далечина и порастот на бројот на дигитални номади.
На настанот ќе се разгледа и начинот на кој ВИ ги трансформира креативните индустрии, при што поранешниот директор на „Ворнер брос“, Џејсон Беван, ќе сподели сознанија од своето искуство во маркетингот на франшизи, како „Хари Потер“, „Џокер“ и „Темниот витез“ во Европа, Блискиот Исток и Африка (ЕМЕА).
Меѓу говорниците се и основачот и извршен директор на „хакинг ХР“, Енрике Рубио, основачката на „АИ Институт“, Мерироуз Лајонс, основачката и извршна директорка на „Галакси фор технолоџи“, Рима Диаб, основачот и извршен директор на „AQai“, Рос Торнли, основачката на „РоРимоут“, Ровена Хениган и основачката на „Римоут ворк Јуроп“, Маја Мидлмис.
Експертите ќе разговараат за прашањата што ја обликуваат иднината на глобалниот бизнис, од глобалната мобилност на таленти и работата на далечина до управувањето со ВИ.