Kaan Bozdoğan
03 Февруари 2022•Ажурирај: 03 Февруари 2022
КИЕВ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, пристигна во официјална посета на украинскиот главен град Киев по покана на претседателот на Украина, Владимир Зеленски, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган пристигна со приватниот авион „ТУР“ на Аеродромот „Бориспил“ во Киев каде што беше пречекан од страна на амбасадорот на Турција во Киев, Јагмур Ахмет Ѓулдере, неговата сопруга Седа Ѓулдере, амбасадорот на Украина во Анкара, Васил Боднар и службеници од украинското Претседателство.
Турскиот претседател при оваа посета е придружуван од неговата сопруга Емине Ердоган, турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу; министерот за национална одбрана, Хулуси Акар; министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу; министерот за енергетика и природни ресурси, Фатих Донмез; министерот за индустрија и технологија, Мустафа Варанк; министерот за животна средина, урбанизам и климатски промени, Мурат Курум; министерот за млади и спорт, Мехмет Муарем Касапоглу; портпаролот на АК Партија, Омер Челик; шефот на Одделот за одбранбена индустрија при турското Претседателство, Исмаил Демир; шефот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун и портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин.

Ердоган во рамки на посетата ќе биде официјално пречекан во палатата „Марински“ од страна на Зеленски, кои потоа ќе одржат тет-а-тет средба.
Исто така, турскиот претседател ќе учествува на 10. состанок на Стратешкиот совет од високо ниво меѓу двете земји, на кој ќе се разговара за односите меѓу Турција и Украина кои се на ниво на стратешко партнерство, можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји, како и за регионални и меѓународни теми.
По состанокот се очекува двајцата претседатели да одржат заедничка прес-конференција.
Меѓу другото, по овој состанок ќе се организира церемонија за потпишување бројни договори во повеќе области, кои ќе бидат потпишани од надлежните министри на двете земји.