Behçet Alkan
14 Мај 2022•Ажурирај: 16 Мај 2022
НЕВШЕХИР (АА) - Кападокија во Општината Гореме е една од најпознатите туристички дестинации во Турција, каде што се спојуваат убавините на природата и историјата, формирајќи еден од најубавите пејзажи во светот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Кападокија годишно ја посетуваат неколку милиони туристи од целиот свет, а се случува наутро на небото да летаат до 100 балони, од кои секој може да качи до 20 луѓе.
Многу домашни и странски туристи ја посетуваат Кападокија за да уживаат во прекрасните пејзажи.
Кападокија, која се наоѓа на листата на светско наследство на УНЕСКО, во деновите во кои се погодни дневно прима и над 3.000 туристи и обезбедува услуги со 156 балони на топол воздух.

Мехмет Динлер, претседателот на Анадолската асоцијација на оператори на балони на топол воздух, за АА изјави дека оваа година очекуваат рекорден број туристи што ќе учествуваат во возењето со шарените балони.
Потсетувајќи дека во 2019 година е забележан рекорд по бројот на туристи што учествуваа во тури со балони во регионот во којшто просечно годишно може да се обезбедат 220 дена услуги со балони, Динлер рече дека верува оти туристичката сезона во 2022 година ќе биде рекордна.
Им препорача на туристите кои сакаат да се возат со балон однапред да си обезбедат резервација за да немаат проблем со наоѓање место.

„Во 2019 година, која ја нарекуваме златна за туризмот во Кападокија, во турите со балони во овој наш регион учествуваа 589.000 домашни и странски туристи. Минатата година, која мина во сенката на пандемијата, учествуваа 389.000 туристи. Предвидуваме дека оваа година ќе го надминеме рекордот од 2019 година поради зголемениот патнички капацитет и побарувачката“, рече Динлер и додаде:
„Бројот на патници што учествуваат во дневната тура со балони на ова подрачје е меѓу 3.000 и 4.000. Кога ќе го погледнеме бројот на превезени патници и балони кои секојдневно пружаат услуги, Кападокија е светска престолнина на комерцијалните балони“, рече тој.
Исмаил Суџу, туристички оператор кој обезбедува услуги во Кападокија, смета дека балоните на топол воздух станале важен симбол за промоција на цела Кападокија.
За летовите да бидат безбедни, тој објасни дека во одредено време може да летаат само одреден број балони во склоп на правилата на Генералната канцеларија за цивилно воздухопловство.

„Во Кападокија има значителен пораст на бројот на балони. Поради ограничениот број дневни летови со балони, веќе сега имаме потешкотии да ја задоволиме побарувачката. Се соочуваме со голема побарувачка“, рече Суџу.
Летањето со балон е непресушен извор на адреналин и фасцинација кај туристите што ја посетуваат една од најпознатите турски дестинации, Кападокија.
Пејзажот на Кападокија се наоѓа на листата на светско наследство на УНЕСКО. Станува збор за специфичен релјеф што настанал од вулканска лава исфрлена од планините Ерџиес и Хасан пред неколку милиони години.
Туристите што ќе соберат храброст имаат можност секое утро да се вивнат со балон до височините над местото, кое е спој на природни и историски феномени.
Балоните летаат над Гореме и Невшехир уште од 1988 година. Временските услови на тоа подрачје дозволуваат околу 220 дена во годината да може да се лета со балон.