Jeyhun Aliyev
18 Март 2020•Ажурирај: 19 Март 2020
ЕДРЕНЕ (АА) - Турција денес ги затвори границите со Грција и Бугарија, како дел од мерките против новиот тип коронавирус, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите до кои дојде АА, на патниците нема да им се дозволи влез и излез од граничните премини „Пазаркуле“ и „Ипсала“, како и железничкиот граничен премин „Узунќопру“ кон Грција, потоа граничните премини „Дерекој“, „Хамзабејли“ и „Капикуле“ кон Бугарија.
Влезот преку граничните премини е сопрен и од континенталниот дел на Грција и од островите.
Заклучно со 19 март, влезот во Турција преку копно и море беше забранет за грчките и бугарските граѓани, како и за државјаните на трети земји кои престојувале во тие две земји во текот на изминатите 14 дена.
Товарниот транспорт беше изземен од забраната, кој ќе продолжи во рамките на параметрите одредени од турското Министерство за здравство и Министерството за трговија.
Според „Worldometer“, веб-страница што ги следи најновите бројки поврзани со коронавирусот, во светски рамки има над 200.000 потврдени случаи на вирусот, бројот на починати надминува 8.000, додека излекувани се над 82.500 пациенти.
Бројот на активни случаи изнесува над 107.500 од кои 94 отсто се со благо нарушување на здравствената состојба, додека 6 отсто се во критична состојба.
Светската здравствена организација (СЗО) ја прогласи Европа за нов епицентар на вирусот, кој првпат се појави во Вухан, Кина минатиот декември.