Elena Trenchevska Chekovic
09 Септември 2026•Ажурирано: 09 Септември 2026
Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Скопје одговори на писмото што осум граѓански организации од Северна Македонија го доставија по повод јавната објава на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, пренесува Анадолу.
Според граѓанските организации, од Делегацијата навеле дека целосно се запознаени со случајот, внимателно ги следат случувањата и дека својот став веќе им го пренеле на надлежните власти.
„Ставот на Европската Унија за Ратко Младиќ е јасен – величањето на воени злосторници нема место во земјите што ѝ припаѓаат на ЕУ или се стремат да станат нејзини членки“, се наведува во одговорот.
Во него се истакнува дека Европската Унија е заснована врз почитувањето на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста и недискриминацијата.
„Во согласност со овие темелни вредности, во европското општество нема место за поддршка на негирањето на геноцидот, ниту за величање на лица правосилно осудени за воени злосторства пред Хашкиот трибунал и неговиот правен наследник“, се наведува во одговорот.
Европската делегација ја нотирала и одлуката на граѓанските организации да го прекинат учеството во сите активности со Агенцијата под актуелното раководство.
Истовремено, од Делегацијата информираат дека во моментов не се планирани активности со Агенцијата финансирани од Европската Унија.
Делегацијата нагласува дека ЕУ ќе продолжи да ги следи случувањата, во тесна координација со меѓународните партнери и ќе остане посветена на заштитата на основните човекови права, вклучително и правата на помалобројните заедници.
Осумте граѓански организации оценуваат дека одговорот претставува јасна потврда дека објавата на носител на јавна функција, особено на директор на институција задолжена за правата на заедниците, не може да се сведе на „личен став“.
„Станува збор за прашање на институционална одговорност, меѓуетничка доверба и почитување на жртвите“, се наведува во нивната реакција.
Организациите ја повикуваат Владата на Северна Македонија итно да постапи по доставеното барање, да ја утврди одговорноста на директорот Китановиќ и да преземе соодветни мерки.
Реакцијата на организациите следува откако Китановиќ, член на коалициската Демократска партија на Србите во Македонија, на социјалните мрежи објави слика генерирана со вештачка интелигенција, на која Ратко Младиќ е прикажан покрај историски српски личности, со натпис „Генерали на небесната војска“.
Младиќ, поранешен командант на Војската на Република Српска, почина на 27 август додека отслужуваше доживотна казна затвор изречена од Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали поради воени злосторства извршени во Босна и Херцеговина.
Тој беше осуден за злосторства извршени за време на војната во БиХ од 1992 до 1995 година, меѓу останатото и за неговата улога во геноцидот во Сребреница во 1995 година, во кој беа убиени повеќе од 8.000 мажи и момчиња Бошњаци.