Aysu Biçer
02 Октомври 2026•Ажурирано: 02 Октомври 2026
Владата на Велика Британија денес најави планови со кои од авиокомпаниите ќе се бара бесплатно да ги сместуваат децата на возраст под 14 години до родител или возрасно лице што ги придружува, со цел да се намалат патните трошоци за семејствата, јавува Анадолу.
Според новите планови, авиокомпаниите што работат во Велика Британија ќе мора да им овозможат на патниците бесплатно да ги поправат едноставните грешки во имињата при резервацијата.
Владата соопшти дека семејствата моментално се соочуваат и со трошоци до 104 фунти за повратен лет за да седат до своите деца, додека малите корекции на резервацијата можат да ги чинат патниците и до 40 фунти.
„Наплаќањето на родителите само за да седат со своите деца е чиста експлоатација. Исто така, не е во ред да се плаќа висока такса за едноставна правописна грешка во формуларот за резервација“, изјави денес премиерот Енди Бурнам.
„На луѓето им е преку глава од овие мали трошоци кои на крајот се собираат во значителна сума, па затоа ставам крај на тоа“, додаде тој.
Мерките се дел од пошироката владина програма „решенија за секојдневни проблеми“, која, според Владата, има за цел да ги намали трошоците и да одговори на поплаките на потрошувачите.
Владата исто така соопшти дека соработува со авиокомпаниите и синдикатите за воспоставување систем за споделување информации за патниците кои постојано предизвикуваат проблеми.
Според податоците на Владата, во 2025 година авиокомпаниите регистрирале повеќе од 1.000 сериозни инциденти предизвикани од патници.
Оттаму велат дека новиот систем ќе им помогне на авиокомпаниите да ги идентификуваат патниците што постојано прават прекршоци и да носат одлуки за продолжување на забраните за летање.
Се очекува реформите да обезбедат поголема доследност во заштитата на патниците кај сите авиокомпании што работат во Велика Британија.
Соопштението дојде по еден ден откако стапи на сила намалувањето на данокот на додадена вредност на сметките за електрична енергија, потег за кој Владата тврди дека ќе им заштеди на домаќинствата дополнителни 45 фунти.