Dzihat Aliju
29 Јули 2026•Ажурирано: 29 Јули 2026
Седум лица кај кои е потврдена западнонилска треска се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести во Скопје, изјави директорот на клиниката, Фадил Цана, пренесува Анадолу.
Според веста на МИА, Цана посочи дека здравствената состојба на еден од пациентите, 76-годишен скопјанец, кој е сместен на одделот за интензивна нега, сè уште е сериозна и тој е на респираторна поддршка.
„Лицето веќе една недела е во клиниката и не патувало надвор од државата“, изјави Цана.
Другите шест хоспитализирани лица се на возраст над 60 години, тие се во стабилна здравствена состојба, а само едно од нив претходно патувало во Грција, додаде тој.
„Кај сите хоспитализирани има вирусно воспаление на мозокот и мозочните обвивки. Симптомите се висока температура, силна главоболка, дезориентираност и нарушена свест“, изјави Цана.
- Западнонилски вирус -
За заштита од западнонилскиот вирус, кој најчесто се пренесува преку убод од комарци од родот Culex, нема достапна вакцина, а се препорачува заштита од убоди од комарци.
Се наведува дека инкубацискиот период од моментот на убодот од комарецот се движи од два до 14 дена, а кај лицата со ослабен имунитет овој период може да се продолжи до 21 ден.
Се посочува дека кај околу 80 отсто од лицата заразени со вирусот не се појавуваат никакви симптоми, додека кај приближно 20 отсто од пациентите може да се појават симптоми како треска, слабост, гадење и повраќање, главоболка и болки во мускулите.
Случаи на западнонилски вирус најчесто се регистрираат во Африка, Европа, Блиски Исток, Северна Америка и Западна Азија.