Agim Sulaj
14 Мај 2026•Ажурирај: 14 Мај 2026
Рударите што беа заглавени околу 12 часа во рудникот „Трепча“ во Митровица, Косово, беа извлечени без сериозни повреди, пренесува Анадолу.
Итните медицински екипи ги преземаа веднаш по излегувањето, а оние на кои им беше потребна медицинска помош беа испратени на лекување.
На местото на настанот пристигна и вршителката на должноста министер за економија, Артане Ризваноли, која изјави дека ќе биде спроведена истрага за тоа што се случило и дали можело да се спречи.
Вкупно 18 рудари од ноќната смена останаа 12 часа заглавени во рудникот „Трепча“, на длабочина од околу 800 метри, како последица на прекин на електричната енергија предизвикан од дефект на 35 kV линија Стан Трг.
По ангажманот на техничките екипи и спасувачките тимови, ситуацијата беше ставена под контрола и рударите беа извлечени без последици.
Претходно Јавното претпријатие „Трепча“ соопшти дека во третата смена биле ангажирани вкупно 47 работници, од кои 29 успеале порано да излезат од рудникот, а 18 останале внатре.
Според надлежните, цело време имало постојана комуникација со рударите и внимателно се следела нивната состојба.
Од рудникот соопштија дека сега сѐ е нормализирано и рударите ќе продолжат со редовна работа.