Gökhan Güçüklüoğlu
14 Мај 2026•Ажурирај: 14 Мај 2026
Во турскиот град Синоп, картонските и стаклените отпадоци кои го отслужиле својот век и се сметаат за отпад, во рацете на пензионираната учителка Есра Атиџи добиваат нов живот. Преку процесот на редизајнирање со примена на рециклажа, таа ги преобликува отпадоците во прекрасни шапки, корпи и рамки, јавува Анадолу.
Водејќи се од идејата дека производите кои го завршиле својот животен век можат да добијат нова функција, Атиџи со своите ракотворби ја поткрева еколошката свест, но и потсетува на моќта на личната трансформација.
Како ателје ја користи нејзината кујна каде што со многу внимание и љубов ги обработува парчињата картон и стакло, некои пронајдени покрај контејнерите, а некои донесени од пријателите – претворајќи ги во уникатни предмети.
Своите изработки, во форма на шапки, огледала, рамки и корпи, Атиџи со гордост ги изложува во своето ателје, споделувајќи ја нивната убавина со сите што ќе ја посетат.
Пензионираната учителка, исто така, организира изложби каде што ги презентира своите дела пред јавноста.
- Луѓето од околината сами ѝ носат предмети со цел да ги оживее -
Есра Атиџи за Анадолу раскажа дека нејзиниот интерес за преобликување на предметите датира уште од детството.
Уште во основно училиште се трудела да направи различни предмети од стара хартија, и вели дека во нејзиното семејство никогаш не се откажувале лесно од работите што ги поседуваат.
Нагласувајќи дека цел живот се води од тој принцип, дека секој стар материјал заслужува нова шанса, Атиџи вели: „На пример, во еден обичен картон има повеќе слоеви. Некои се брановидни, некои рамни, некои сјајни, но сите тие сочинуваат една заштитна целина. Јас се трудам во секој слој да видам нешто различно и посебно.“
Од она што некој го смета за „ѓубре“, може да се создадат многу нешта: „Корпи, лустери, рамки, па дури и големи ламби... Понекогаш ми треба саксија и сакам нејзиниот надворешен изглед да биде декоративен, па тогаш го користам картонот. На пример, на мојот внук му направив куќичка за играње од големи картонски кутии. Наместо да купиме нова, создадовме детско катче токму според неговите желби“, вели таа.