Fatjon Cuka
08 Септември 2022•Ажурирај: 09 Септември 2022
ТИРАНА (АА) - Вработените во Амбасадата на Иран во албанскиот главен град Тирана ја напуштија зградата на дипломатското претставништво по одлуката на албанските власти за прекинување на дипломатските односи со Иран, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во текот на денешниот ден, зградата на Амбасадата беше напуштена од нејзиниот персонал, а потоа полициските сили извршија контрола во зградата.
Официјално не се пријавени инциденти, но во зградата која служеше како амбасада на Иран, во последните години е забележано палење на документи.
Албанските власти сѐ уште официјално не потврдија дали целиот персонал на Иранската амбасада ја напуштил земјата.
Инаку, на 7 септември, Албанија донесе одлука за прекинување на дипломатските односи со Иран како одговор на кибернападот врз дигиталната инфраструктура на Владата на Албанија, кој се случи во јули оваа година.
Во врска со оваа одлука, премиерот на Албанија, Еди Рама, рече дека „опсежната истрага обезбеди непобитни докази дека киберагресијата врз земјата е оркестрирана и спонзорирана од Исламската Република Иран“.
По одлуката, од Амбасадата на Исламската Република Иран беше побарано целиот дипломатски и техничко-административен, како и безбедносен персонал, да ја напушти територијата на Република Албанија во рок од 24 часа.