Bedrudin Brljavac
08 Септември 2022•Ажурирај: 08 Септември 2022
СИСАК (АА) - Драго ми е што заедно го завршивме овој скапоцен проект, кој е знак на нашето пријателство и братство. Верувам дека овој центар ќе биде една од главните адреси за средба и дружење во градот каде што ќе поминуваат време и нашите пријатели од друга вероисповед, изјави претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, во своето обраќање на свеченото отворање на Исламскиот културен центар во хрватскиот град Сисак, јавува Агенција Анадолија (AA).
На програмата на отворањето присуствуваа претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ; претседателот на Мешихатот на Исламската заедница во Хрватска, муфтијата Азиз Хасановиќ од Загреб; поглаварот на Исламската заедница во Босна и Херцеговина, Хусеин еф. Кавазовиќ и делегации од повеќе земји, меѓу кои и од Туркије.
Ердоган на самиот почеток изрази благодарност до претседателот на Хрватска, претседателот на Мешихатот на Исламската заедница во Хрватска и сите луѓе во Хрватска што комплексот во Сисак го именувале по него.
„Фала му на Бога што заедно го завршивме овој скапоцен проект, кој е знак на нашето пријателство и братство. Верувам дека овој центар ќе биде една од главните адреси за средба и дружење во градот, каде што ќе поминуваат време и нашите пријатели од друга вероисповед. Верувам и дека центарот со својата величествена архитектура ќе придонесе за убавината на градот Сисак. Уште еднаш, сакам ова вредно дело да биде корисно за нашите пријатели и за сите нас“, рече Ердоган.
Тој потсети дека пред шест години ја посетил Хрватска по повод 100-годишнината од прогласувањето на исламот за рамноправна религија во земјата.
„Во тоа време од Загреб до цела Европа и светот испративме пораки против дискриминацијата, нетолеранцијата, исламофобијата и ксенофобијата. Денеска од Хрватска, овој пат од градот Сисак, испраќаме топли пораки за пријателство, братство, мир и соживот и секако, тоа не е случајно. Хрватска е пример за земја во Европа во однос на слободата, благосостојбата и почитувањето и обезбедувањето на правата на муслиманите“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека Туркије никогаш не ги заборавила своите браќа и пријатели во овој регион со кои, како што рече, споделува заедничка историја и поседува силни човечки и културни врски.
„Во нашите срца никогаш не сме го одвоиле Сисак од Амасија, Загреб од Анкара, Сараево од Истанбул или Мостар од Ризе. Секогаш со нетрпение ги очекувавме среќните моменти на нашите пријатели, а нивната болка ја доживувавме како своја“, рече турскиот претседател и потсети на силната солидарност што досега ја покажале меѓусебно:
„По земјотресот што се случи на подрачјето на Сисачко-мославанската жупанија, се обидовме со сите средства да застанеме покрај Владата на Хрватска и нејзините граѓани. И нашите пријатели од Хрватска беа секогаш покрај нас кога и кај нас се случуваше некоја катастрофа. Сигурен сум дека ќе ја продолжиме нашата соработка и во иднина.“
Претседателот на Мешихатот на Исламската заедница во Хрватска, муфтијата Хасановиќ од Загреб, на турскиот претседател му ја врачи повелбата на Мешихатот на Исламската заедница во Хрватска, како највисоко признание на таа заедница.
Во Сисак, град со нешто повеќе од 40.00 жители сместен југоисточно од главниот град Загреб, денеска официјално е отворен Исламскиот културен центар во чии рамки се наоѓа и џамијата.