Fatjon Cuka
14 Декември 2021•Ажурирај: 15 Декември 2021
ТИРАНА
Поранешниот министер за животна средина на Албанија, Лефтер Кока, е приведен денес поради обвинение за неколку кривични дела во врска со истрагата за процедурата за договорот за концесија за изградбата на пречистителната станица за урбан отпад и производство на енергија во областа Елбасан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Посебното обвинителство против корупција и организиран криминал во Тирана се наведува дека постои сомнение оти Кока ги извршил кривичните дела „Злоупотреба на службена положба“, извршено во соработка, „Пасивна корупција на високи државни функционери или избрани локални функционери“, и „Перење приноси од кривично дело или криминална активност“.
Според соопштението, истрагата покажала дека не е спроведена нормална законска процедура што се однесува до видот на постапката што е користена за доделување на концесијата за која станува збор.
Се истакнува дека дејствијата и пропустите сторени во спротивност со законските и подзаконските акти се извршени од страна на членови на Комисијата за доделување на концесијата во соработка со поранешниот министер Кока.
„Граѓанинот Л.К., во својство на поранешен министер за животна средина, од фирмите корисници на договорот за концесија побарал, прифатил и примил на индиректен начин неправилни парични поволности преку формирање фиктивна шема за извршување на работите на фирмата концесионер, користејќи некои други фирми што се индиректно контролирани од негова страна, контролирани од членовите на неговото семејство, како и контролирани од страна на трговски субјекти во негова сопственост“, се вели во соопштението.
Лефтер Кока од 2013 до 2017 година ја вршеше функцијата министер за животна средина на Албанија.