Fatjon Cuka
03 Декември 2020•Ажурирај: 04 Декември 2020
ТИРАНА (АА) - Во организација на претседавањето на Албанија со Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) започна дводневниот состанок на Министерскиот совет на оваа организација, јавува Агенција Анадолија (АА).
На состанокот кој се одржува онлајн со покана на претседавачот на ОБСЕ и премиер на Албанија, Еди Рама, ќе се разговара за прашања во врска со безбедноста, активностите на организацијата под албанското претседавање, како и за други прашања. На состанокот учествува и шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, а состанокот се одржува во неколку сесии.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, имаше свое обраќање на отворањето на состанокот, при што рече дека кога Албанија го презеде претседавањето на ОБСЕ во јануари, сите говореле за една организација која била во тешка состојба. Според него, оваа година била полна со предизвици за ОБСЕ.
„Се наоѓаме во криза, во една криза која се влошува. Ова не е ситуација која ѝ се случи на организацијата од самата структура или од нејзините луѓе, бидејќи сите тие треба да бидат пофалени поради нивната неуморна посветеност за подобрување на сеопфатната безбедност на Европа“, нагласи Рама.
Тој се осврна и на кризата во Белорусија: „Видете што се случи во Белорусија, и сосема ненадејно ОБСЕ остана како последен инструмент, додека другите мегаструктури изгледаат бескорисни. Зошто вака? Бидејќи е доста страшно, но што и да се случи надвор од ЕУ, веднаш става барикада помеѓу земјите членки на ЕУ, НАТО и Русија, но не само тоа, веднаш се претвора во едно прашање и на многу пошироко ниво. Самото прашање на обичните луѓе, нивната загриженост, нивните права и слободи во земјата на кризата се става во дефакто ризик. Не може тоа да продолжи вака бескрајно. Тоа треба да се промени.“
Рама нагласи дека последиците од Ковид-19 без преседан го погодиле секое поле на животот.
Осврнувајќи се на конфликтот во Украина, Рама истакна дека овој конфликт е нов главен приоритет.
Албанскиот премиер говореше и за последниот конфликт помеѓу Азербејџан и Ерменија во Нагорно Карабах, и го поздрави тоа што се стави крај на судирите.
Претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Георге Церетели, нагласи дека се далеку од обединување и меѓусебна доверба.
„Во последните декади сѐ повеќе и повеќе забележувавме брутални режими и притисоци врз опозициските движења. Забележавме прекршување на слободата на медиумите, исто така и други поделби во општеството. Имаше терористички напади. Тоа, всушност, отвора многу прашања. Дали тоа подразбира дека организацијата не ја изврши својата работа? Фактички, одговорот е двоен како и целата историја на ОБСЕ. Структурите на ОБСЕ работеа многу добро имајќи ги предвид малиот број извори кои биле ставени на располагање од страна на земјите членки“, рече Тсеретели.