Necva Taştan Sevinç
21 Септември 2026•Ажурирано: 21 Септември 2026
Шефовите на европските разузнавачки служби предупредија дека во наредните месеци Русија би можела да ги интензивира своите операции против земјите членки на НАТО, вклучително и преку саботажи, напади со дронови и лимитирани упади, објави „Гардијан“, пренесува Анадолу.
Михал Коуделка, директор на чешката Служба за безбедносни информации, изјави дека можните сценарија вклучуваат лимитиран упад на територијата на НАТО, операции под лажно знаме и опсежни кампањи за влијание.
Тој предупреди дека ваквите случувања би можеле да се случат за „месеци, а не години“, нагласувајќи дека се преземаат напори за нивно спречување.
Сепак, шефот на летонската Служба за државна безбедност, Нормундс Мезвиетс, изјави дека нема знаци на непосреден напад.
Тој призна дека се чини оти Москва се подготвува за поодлучни акции во Европа, но рече дека е нејасно дали станува збор за конкретни воени планови или обид за ширење страв и нестабилност.
Мезвиетс рече дека руските операции сè повеќе се насочени кон железничките мрежи, инфраструктурата со која се дава поддршка на Украина и објектите на одбранбената индустрија.
Шефот на шведското воено разузнавање, Томас Нилсон, истакна дека ќе се интензивираат руските акции на саботажа , наведувајќи го неодамнешниот инцидент со дрон на германскиот аеродром во Лајпциг како „пресвртна точка“.
Нилсон рече дека нападите во кои би можело да има жртви или сериозно да ја оштетат критичната инфраструктура би претставувале значителна ескалација.
Претставниците на разузнавачките служби рекоа дека целите на Москва опфаќаат слабеење на европската поддршка за Украина, создавање поделби во НАТО и предизвикување загриженост во јавноста.
Коуделка рече дека пристапот на Русија се состои од зголемување на притисокот со надеж дека европските земји ќе ја намалат помошта за Киев.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно ги отфрли тврдењата дека Русија има намера да го нападне НАТО, велејќи дека таквите шпекулации немаат никаква врска со плановите на Москва.