Abdula Berisha
22 Јуни 2021•Ажурирај: 25 Јуни 2021
СКОПЈЕ (АА) - Во главниот град на Северна Македонија започна „Неделата на Чамите“, во рамките на која се планирани неколку јавни активности, вклучително и марш до грчката Амбасада во Скопје, јавува Агенција Анадолија (АА).
Програмата за отворање на „Неделата на Чамите“ во Скопје опфаќа отворање изложба за Чамерија, на која беа претставени историски личности и населби од Чам, рецитирање на поезија, како и изведба на ора со мотиви од Чам.
Главните активности на „Неделата на Чамите“ во Скопје се предвидени да се одржат во четврток, вклучително и панел-дискусија со гости од Албанија и Северна Македонија, како и „Маршот на мирот за Чамерија“, марш што треба да заврши пред грчката Амбасада во Скопје.
Во име на Организацискиот совет на „Неделата на Чамите“ во Скопје, Џенета Мамути го сподели ентузијазмот што за прв пат во главниот град на Северна Македонија се организира „Недела на Чамите“.
„Ве поканувам вие кои сте тука, но и сите Албанци насекаде, во четврток, 24 јуни 2021 година, во 14:30 часот, во голем број да го поддржат маршот за Чамерија и да докажат дека Скопје и воопшто сите Албанци во Македонија биле во одбрана на секој Албанец во светот и во одбрана на жртвите, кои и да се тие и кога и да е тоа време. Денес Скопје е Чамерија, а денес сме Чами“, рече Мамути.
Потсетуваме дека од јуни 1944 година до март 1945 година илјадници Албанци од Чамерија, област што денес се наоѓа во Грција, доживеале брутален геноцид од страна на грчките сили под команда на Наполеон Зерва, што резултирало со масовна смрт на цивили, но и со уништување, грабеж и конфискација на нивниот имот.