Abdulbesar Ademi
27 Ноември 2020•Ажурирај: 28 Ноември 2020
СКОПЈЕ
По повод 28 Ноември, Денот на албанското знаме и независност, Демократската унија за интеграција (ДУИ) под покровителство на лидерот на партијата Али Ахмети организираше свечена академија во Скопје, која традиционално се одржува секоја година посветена на Денот на албанското знаме, јавува Агенција Анадолија (АА).
Присутни на оваа академија беа бројни гости, министри во Владата на Северна Македонија и претставници на државните институции на земјата од редовите на владејачката албанска партија, ДУИ, како и претставници на дипломатскиот кор од Тирана и Приштина.
Пред присутните во салата се обрати претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, кој истакна дека ова знаме ги обединува сите Албанци каде и да се надвор од Албанија.
„И покрај тоа што не сме заедно, тоа не значи дека не дишеме, не размислуваме и работиме заедно за иднина каде сите ќе бидеме граѓани на големото европско семејство“, рече Џафери.
- „Нашата крајна цел е земјите во нашиот регион да живеат во мир“
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, рече дека албанското знаме е „симбол што ја одржува душата жива и со одржување на душата жива, одржува жива една нација“, затоа што како што рече тој, „многу нации кои немале симболи ги снемало, како и нивните јазици“.
Тој истакна дека е голема вистина дека Албанците се бореле да се обединат и додаде дека секој што го негира ова, не ја кажува вистината. Тој додаде дека во 90-тите години на минатиот век работите се сменија ставајќи ги Албанците во позиција да бидат редефинирани, наведувајќи ги како мисии независноста на Косово и целосната еднаквост на Албанците во Северна Македонија.
„Нашата крајна цел е земјите од нашиот регион да живеат во мир и трајна стабилност, членки на Европската унија, членки на НАТО“, рече Ахмети, додавајќи дека ова е најдоброто, најкорисното и најбезболното решение за сите граѓани од овој регион.
Свои говори имаа и амбасадорите на Тирана и Приштина во Скопје.
Откако Албанија прогласи независност на 28 ноември 1912 година, овој датум се слави како Ден на знамето и независноста на Албанија и е официјален празник во Албанија, додека на различни начини се одбележува насекаде од албанците во светот.