Admir Fazlagic
27 Ноември 2020•Ажурирај: 27 Ноември 2020
СКОПЈЕ
Стопанска комора на Македонија - Турција (МАТТО), со цел да им овозможи на учениците подобро образование за време на периодот на пандемијата на коронавирусот (Ковид-19), на Основното училиште „Тефејуз" во Скопје, донираше 10 лаптоп компјутери, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопштија од МАТТО, на свеченоста организирана во училиштето „Тефејуз", претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски, и директорот на училиштето Салајдин Зекир, потпишаа протокол за соработка, а воедно беа доделени и лаптоп компјутерите.
Адемоски изјави дека ќе се трудат да му излезат в пресрет на училиштето и да им помогнат на наставниците и на учениците.
„Би сакал да им се заблагодам на нашите членови кои донираа квалитетни компјутери. Се надевам дека оваа година ќе ја завршат со образование од далечина и дека од следната година ќе го продолжат своето образование и со физичко присуство. Ќе продолжиме да ги поддржуваме основните училишта и во наредниот период", рече Адемоски.
Директорот на основното училиште „Тефејуз" Салајдин Зекир, упати благодарност до МАТТО, на како што рече, „укажаната поддршка во овие тешки денови". Тој истакна дека во септември месец испратиле замолница до МАТТО, и дека новите компјутери ќе им овозможат на наставниците да обезбедат поквалитетно образование.
Соопштено е дека во наредните денови МАТТО ќе продолжи да донира лаптоп компјутери на образовните институции на територијата на Република Северна Македонија, по руралните средни и општини, Тетово, Радовиш, Долнени, Прилеп, Битола, Пласница, Центар Жупа, Валандово, Дојран, Струмица, Ресен, Карбинци.