Elena Trenchevska Chekovic
05 Мај 2026•Ажурирај: 05 Мај 2026
Македонскиот јазик е темел на националниот идентитет, култура и историска меморија, беше истакнато во Скопје, на одбележувањето на 5 Мај - Ден на македонскиот јазик, како и јубилејот 80 години од објавувањето на „Македонска граматика“ од Круме Кепески, јавува Анадолу.
Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, нагласи дека јазикот е „код на нашата посебност“ и вечен паметник на постоењето, преку кој се изразуваат мислите, чувствата и културниот идентитет на народот. Таа додаде дека македонскиот јазик претставува завет и обврска за негово зачувување.
Според неа, предизвиците и надворешните влијанија дополнително ја нагласуваат потребата од заштита на јазикот и националните интереси, при што беше потенцирано дека се брани сопственото културно наследство.
Од Комисијата за култура и туризам посочија дека годинашното одбележување е фокусирано на улогата на образованието во негувањето на јазикот. Беше истакнато дека граматиката на Кепески го вовела македонскиот јазик во образовниот систем и ја поставила основата за неговата стандардизација.
Универзитетската професорка Јованка Кепеска оцени дека делото на Кепески има национално значење бидејќи го реализира вековниот стремеж за создавање македонска граматика и научно утврдување на јазикот.
Беше посочено дека македонската граматика ги утврдила особеностите на јазикот и неговата различност од другите јужнословенски јазици, поставувајќи основа за натамошни научни истражувања.
Пратеничката и универзитетска професорка Иванка Василевска нагласи дека граматиката претставува највисок степен на јазична свест и дека систематското изучување на јазикот е суштинско за развојот на образованието и јасното изразување.
На настанот беше заклучено дека македонскиот јазик останува клучен столб на националниот идентитет, кој треба континуирано да се негува и развива, особено во услови на современи комуникациски предизвици.