Vesna Besic
05 Мај 2026•Ажурирај: 05 Мај 2026
Во Сараево, Босна и Херцеговина, со пригодна програма и полагање цвеќиња им беше оддадена почит на децата убиени за време на опсадата на градот, со пораки од официјалните лица дека мора да продолжи потрагата по одговорните и да се чува сеќавањето на најмладите жртви на војната, јавува Анадолу.
Во Сараево беше одбележан 5 мај, Денот на сеќавање на убиените деца на опколеното Сараево 1992–1995 година, со полагање цвеќиња на Спомен-обележјето на убиените деца на главниот град на Босна и Херцеговина и со пригодна програма.
Според податоците на Здружението на родители на убиените деца, за време на опсадата на Сараево, која се смета за најдолга опсада во историјата на модерното војување, убиени се 1.601 дете.
Премиерот на Кантонот Сараево, Нихад Ук, порача дека тоа се животи што можеле да го обликуваат денешното општество.
„Тоа се деца што по 30 години од војната денес би биле татковци, мајки. Би ја подигнале економијата на БиХ и би биле столб на растот на главниот град. Нивните животи ги згасна агресорот од ридовите“, рече тој.
Градоначалникот на Сараево, Самир Авдиќ, нагласи дека обврска на институциите е да продолжи работата на процесуирање на одговорните.
„Денес е Ден на жалост во Кантонот Сараево. Секоја година имаме обврска да се сетиме на 1.601 невино настрадано дете во Сараево. Она што е важно да се нагласи е дека ќе сториме апсолутно сè за да ги најдеме одговорните за нашите невино настрадани деца. Требаше да бидат меѓу нас, но, за жал, не се“, порача Авдиќ.
Владата на Кантонот Сараево во 2023 година го прогласи 5 мај - Денот на сеќавање на убиените деца на Сараево - за Ден на жалост во Кантонот Сараево, со цел трајно зачувување на сеќавањето на 1.601 убиено дете за време на опсадата на Сараево во периодот од 1992 до 1995 година.
На денешен ден знамињата се спуштени на половина копје на зградите на институциите на Кантонот Сараево, како и на објектите на јавните претпријатија и установи.
Опсадата на Сараево започна на 5 април 1992 година, а заврши на 29 февруари 1996 година.
Траеше 1.425 дена. За тоа време околу 350.000 жители беа изложени на секојдневен оган од припадниците на некогашната ЈНА и паравоените формации, а подоцна и од припадниците на тогашната Војска на Република Српска, од речиси сите видови вооружување, од позициите лоцирани на околните ридови.
Не успеаја да се симнат и да го заземат градот само благодарение на огромната волја, желба и напори на бранителите, претежно граѓани што се одѕваа на повикот за одбрана, на почетокот речиси со голи раце, во патики и фармерки, со минимално вооружување, застанаа на браниците на градот.
Според судските пресуди на меѓународните и домашните судови, најмалку 53 деца во Сараево се убиени со снајпер, а повеќе од 14.000 се повредени.
Најмногу биле убивани за време на безгрижна игра, што доволно говори какви биле намерите на агресорот. За злосторствата врз децата извршени за време на опсадата на Сараево досега никој не одговараше.