Abdula Berisha
11 Јули 2024•Ажурирај: 13 Јули 2024
СКОПЈЕ (АА) – Во организација на Бошњачкиот национален совет (БНС), во главниот град на Северна Македонија се одржа комеморативен марш за одбележување на годишнината од геноцидот во Сребреница, јавува Анадолу.
На маршот присуствуваше амбасадорот на Република Туркије во Скопје, Фатих Улусој, како и пратеници, претставници на локалната самоуправа, претставници на невладини организации и голем број граѓани.
Маршот започна од паркот во Општина Чаир, помина низ Скопската чаршија и заврши на плоштадот „Македонија“.
Таму присутните со едноминутно молчење и молитва им оддадоа почит на жртвите од геноцидот, додека на присутните им се обрати Џеват Хот, претседателот на БНС.
Тој го поздрави фактот што Северна Македонија стана ко-спонзор на Резолуцијата на Обединетите нации (ОН) со која се осуди геноцидот во Сребреница.
„Геноцидот во Сребреница, како и секој друг геноцид во историјата, има свои наредбодавачи, има имиња на извршители. Нивната одговорност е индивидуална, а не колективна. Ги знаеме по име и презиме кој давал наредби, ги знаеме по име и презиме кој го извршил ова дело“, рече Хот, додавајќи дека секое негирање на геноцидот, релативизација или молчење „отвора рани и ги затвора вратите на помирувањето и соработката“.
Пред присутните зборуваше и Менсур Бектиќ, креаторот на Цветот на Сребреница, што стана симбол на геноцидот во Сребреница.
Тој потсети дека 8.372 жртви на геноцидот и сите жители на областа биле сместени во она што беше прогласено за „Заштитено подрачје“ на ОН.
„На тие луѓе Обединетите нации им го ветија правото на живот, а правото на живот е едно од основните човекови права. Тие луѓе беа оставени во рацете на џелатите да ги убиваат безмилосно само затоа што припаѓале на друга вера, националност и затоа што не биле членови на нивниот корпус“, рече Бектиќ.
Тој повика да не се заборави геноцидот во Сребреница, наведувајќи дека народот кој заборава и не ги учи децата дека е извршен геноцид во Босна и Херцеговина е осуден повторно да доживее таков геноцид.
За време на собирот беше прикажано видео на преживеана од геноцидот, а пред присутните беше прикажана и изложба на фотографии со мотивот геноцидот.