Agim Sulaj
15 Мај 2026•Ажурирај: 15 Мај 2026
Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, ја прими на средба еврокомесарката за проширување на Европската Унија (ЕУ), Марта Кос, со која разговарале за интеграцијата на земјата во ЕУ, формирањето нови институции во земјата, процесот на дијалог и други прашања, јавува Анадолу.
Курти рече дека со комесарката Кос имале продуктивна средба, нагласувајќи дека Косово споделува заеднички вредности со ЕУ и е целосно усогласено со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.
Говорејќи за процесот на интеграција на Косово во ЕУ, Курти рече дека поминале повеќе од 40 месеци откако Косово аплицирало и дека ЕУ треба да одговори на заслужениот напредок на Косово.
„Пронаоѓањето единство во рамките на ЕУ за донесување одлуки за Косово е заедничка задача. Секако дека ние работиме со земјите членки, но потребно е и институциите на Европската Унија да го туркаат ова единство напред. Проширувањето е најуспешната алатка на надворешната политика на ЕУ“, истакна Курти, додавајќи дека е одговорност на сите Косово да напредува во процесот на интеграција.
Тој ги спомена и двата напада што ги доживеало Косово, диригирани и финансирани од Србија, нападот во Бањска и оној на каналот Ибар-Лепенец. Курти на крајот рече дека Косово „не бара ниту кратки патишта, ниту задна врата, туку само процес заснован на заслуги“.
Комесарката Кос рече дека со Курти разговарале за процесот на проширување од поширока перспектива. Таа истакна дека една од нејзините најголеми цели е посилна интеграција на Косово во ЕУ. Таа ги повика политичките актери во Косово веднаш по изборите да ги формираат новите функционални институции, а нагласи дека по формирањето на новите институции повторно ќе се врати во Косово за да разговара со новата извршна власт.
Според неа, проширувањето денес е многу повеќе од само проширување, „тоа е заедничка задача, преку регионална соработка за интеграција во ЕУ“.
„Важно е, веднаш штом ќе се конституира новото Собрание, политичките лидери во Косово да се обединат и да успеат да ги формираат сите државни институции, како и да изберат нов претседател во духот на компромис, со што ќе се стави крај на овој продолжен период на институционален застој. Постои веродостојна европска перспектива за Косово. Ние во Европската Унија, и јас лично, сме подготвени повторно да го интензивираме ангажманот со вас. Токму затоа е толку важно институциите да бидат целосно функционални“, истакна Кос.
Прашана дали има датум кога Косово би можело да стане дел од ЕУ, Кос рече дека во ЕУ нема датуми, туку само процена на процесот, и колку поуспешно ќе биде Косово во реформите и во процесот на дијалогот Косово - Србија, толку поголеми ќе бидат шансите да започнат вистинските преговори. Покрај овој аспект, таа рече дека е потребен и ангажман со земјите членки на ЕУ.
Кос додаде дека ќе работи „неуморно“ Косово да биде што поблиску до ЕУ. Денешната посета на комесарката Кос на Косово е прва посета на Косово откако таа ја презеде функцијата во 2024 година.