СКПОЈЕ (АА) - Со денешната воздухопловна вежба на аеродромот во Скопје, на која беа вклучени НАТО-авионот „Авакс“, грчки ловци Ф-16 и државниот авион „Лирџет“, беше одбележано вклучувањето на небото на Северна Македонија во системот за воздухопловно патролирање на Алијансата, јавува Агенција Анадолија (АА).
На настанот беше покажано како се реализира НАТО-мисијата за воздухопловно патролирање над Северна Македонија, додека на настанот присуствуваа министри во Владата, пратеници во Собранието и претставници на воено-дипломатскиот кор.
„НАТО заштитува, НАТО обединува и НАТО зацврстува“, рече министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска, истакнувајќи дека денеска имало прилика да видат како овие три цели и задачи на Алијансата навистина се случуваат и пред нивни очи.

Таа рече дела имале можност да видат како со членството во НАТО, Северна Македонија како 30. членка на најмоќната воено-политичка Алијанса е посилна и позаштитена.
„Со овој настан, тука, на аеродромот во Петровец, можевме да видиме како изгледа НАТО-мисијата за воздушно патролирање на небото над Северна Македонија, со што и нашиот воздушен простор целосно се приклучи во системот на НАТО-воздушното патролирање; од денеска да можеме да кажеме дека безбедноста на нашето небо е дел од НАТО-безбедноста, и тоа е еден од можеби највидливите резултати врзани со нашата стратешка цел веќе три децении, а тоа е членството во НАТО“, нагласи Шекеринска.
Како што истакна, речиси повеќе од една година небото на земјата е патролирано од страна на грчкото Воздухопловство, како дел од билатералниот договор потпишан со Грција.

„Но, со нашето целосно воено интегрирање во НАТО и со потпишувањето на аранжманот со НАТО, практично таа мисија стана веќе дел од НАТО-мисијата за “Air Policing” којашто не се изведува само во Северна Македонија, туку и во одреден поголем број на земјите членки на НАТО. Сега со ова ние практично тој процес целосно го заокруживме.“
Шекеринска истана дека во изминатиов период е покажано дека како држава се сериозен и партнер на којшто може да се потпре, а сега се членка и сојузник на којшто и Алијансата може да се потпре.
„Заедно сме посилни, тоа беше нашето мото, нашата мотивација да станеме членка на НАТО. Денеска можевме да видиме дека таа гаранција и тоа членство значи поголема безбедност и сигурност за сите наши граѓани, како на земја, така и во воздух“, додаде Шекеринска.
Kомандантот на НАТО-центарот за комбинирани воздушни операции во Торехон, генерал потполковник Фернандо Де Ла Круз Каравака, нагласи дека Северна Македонија треба да е горда што соработува со другите земји во НАТО.

Според него, Северна Македонија ја унапредува стабилноста и безбедноста на регионот.
„Од 2020 година, кога Северна Македонија официјално се вклучи во НАТО, бевте во можност да се адаптирате на Алијансата, инкорпорирајќи бројни нови процедури. А сега постигнавте резултати. Треба да сте горди со вашата работа. Убеден сум дека ќе го одржувате истото ниво на успех во корист на сите наши нации“, рече генералот Де Ла Круз Каравака.
Според владата на Северна Македонија, НАТО-воздухопловното патролирање е клучен дел од колективната одбрана, што служи како столб на Алијансата и овозможува ист стандард на обезбедување на небото на секоја од земјите – членки. Оваа мисија не се фокусира на една специфична закана, туку е една од основните алатки за зачувување на безбедноста на НАТО. Преку континуирано воздухопловно набљудување и патролирање, воздухоплови на НАТО во само неколку минути можат да одговорат на секаков вид несигурност на небото на Алијансата.
news_share_descriptionsubscription_contact
