БЕЛГРАД (АА) - Муралот посветен на воениот злосторник Ратко Младиќ во Белград, главниот град на Србија, утринава е повторно бојадисан, но набрзо потоа бојата е измиена од него, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од Општина Врачар, на чија територија се наоѓа муралот, утринава соопштија дека надлежните органи постапиле по решението на Одделението за инспекциски работи на Градската општина Врачар од 20 септември, отстранувајќи го муралот. Набрзо потоа, муралот на кој е прикажан Младиќ во Хашкиот трибунал, осудениот воен злосторник, како поздравува, повторно беше на фасадата на зградата во улицата „Његошева“.
„Постапувајќи согласно правилата и одредбите на Одлуката за комуналниот ред, Одделението за инспекциски работи на Градската општина Врачар, на 20 септември 2021 година донесе решение со кое на станбените заедници во улицата „Његошева“ број 38 и 38б им е наложено отстранување на графитот од предниот дел на заедничката фасада, на основа на нивното барање. Со оглед на тоа што до денешен ден не е постапено по наведеното решение, а имајќи предвид дека во меѓувреме за истиот предмет се поднесени пријави од новинарките Антонела Риха, Наима Леа Беширија (Институт за европски работи), Тамара Трипиќ (Мрежа за демократски дијалог), како и тоа што станарите на станбените згради на која се наоѓа графитот барале помош за негово отстранување, надлежните органи презедоа мерки со цел извршување на предметното Решение“, соопштено е утринава на веб-страницата на Општина Врачар.
Пред еден месец, активистките Аида Ќоровиќ и Јелена Јаќимовиќ фрлија јајца на муралот со ликот на воениот злосторник Ратко Младиќ, кој се наоѓа на ѕидот од зградата во улицата „Његошева“, по што полицијата ги приведе.
Претходно, околината на муралот и повеќе околни улици беа обезбедувани од бројни полицајци, од кои многумина имаа опрема за разбивање на демонстрации.
Покрај муралот се наоѓаа неколку цивилни полицајци кои легитимираа секого кој поминуваше, па дури и новинарските екипи за кои беше јасно дека се таму само за да известуваат. Дел од српската јавност и медиумите поради тоа констатираа дека полицијата го обезбедува муралот, што Министерството за внатрешни работи на Србија го отфрли како неточно тврдење и одредени медиуми ги обвини за „создавање вознемиреност во јавноста“.
На инцидентот му претходеше тензична атмосфера, создавана со денови која ја предизвика обидот на граѓаните кои живеат во зградата на која се наоѓа муралот да го пребојадисаат и за што имаат дозвола од надлежните комунални органи. Меѓутоа, кога и да сакале тоа да го направат, според зборовите на граѓаните, се појавувале луѓе кои им се заканувале.
Невладината организација „Иницијатива на младите за човекови права“ (ЈИХР) најави дека на 9 ноември, по повод Меѓународниот ден на борбата против фашизмот, ќе го пребојадиса муралот. Следуваше забрана од српското Министерство за внатрешни работи (МВР) со која не е дозволено собирање на граѓаните во близина на муралот, со коментар од министерот за внатрешни работи, Александар Вулин, дека „ни оние кои би сакале да го пребојадисаат муралот на генералот Младиќ, но ни оние кои би сакале да го чуваат, нема да добијат дозвола за собирање“.
„Иницијатива на младите за човекови права“ потоа соопшти дека добро ги сфатила пораките од МВР и од Вулин, порачувајќи дека се откажува од акцијата на отстранување, наведувајќи дека верува дека полицијата „не би ги заштитила“ во случај на можен напад врз активистите.
Муралот посветен на Младиќ, осудениот воен злосторник за геноцидот во Сребреница и други злосторства против човештвото, се појави на ѕидот од зграда во централната белградска општина во јули.
Муралот, кој е само еден од неколкуте слични посветени на Младиќ во Белград, неколкупати е „преправан“ и повторно „реставриран“.
news_share_descriptionsubscription_contact
