Admir Fazlagic
29 Октомври 2020•Ажурирано: 30 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Денеска во претседателската Вила „Водно“ се одржа деветтата седница на Советот за безбедност на Република Северна Македонија со која претседаваше претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој истакна дека ситуацијата со Ковид-19 во земјата е исклучително сериозна, при што апелираше до граѓаните доследно да ги почитуваат здравствените протоколи, јавува Агенција Анадолија (АА).
На седницата на Советот за безбедност присуствуваа постојани членови на Советот, како и министерот за здравство, Венко Филипче, кој присуствуваше на покана на претседателот Пендаровски.
По одржувањето на седницата, Пендаровски даде изјава за медиумите, при што информираше дека на дневниот ред била само една точка, односно актуелната ситуација со коронавирусот (Ковид-19), како и активностите на надлежните органи за сузбивање на пандемијата.
Пендаровски рече дека на седницата министерот Филипче информирал за најновата состојба, за ангажираните капацитети, човечките и материјалните ресурси, за работата на Комисијата за заразни болести и за плановите за работа на болниците низ земјата заради прифаќање на напливот на нови пациенти. Премиерот Заев информирал за мерките на Владата на Северна Македонија за поддршка на домашната економија и за сите категории граѓани кои се погодени од епидемијата. Исто така, на седницата се разговарало и за функционирањето на Централниот кризен штаб.
„Поради есенскиот бран на пандемијата здравствениот систем се реорганизира, се ангажираат дополнителни капацитети, се прават максимални напори да се тестираат што е можно повеќе лица и да се згрижат и третираат што е можно повеќе пациенти. За жал, сведоци сме дека ситуацијата не се подобрува. Секојдневно имаме значителен број заболени, а бројот на оние чии животи згаснуваат поради Ковид-19 исто така е во пораст“, изјави Пендаровски, кој додаде дека и најразвиените земји и најбогатите економии тешко излегуваат на крај со оваа ситуација без преседан.
Меѓу другото, претседателот Пендаровски, во името на сите присутни на состанокот им оддаде признание на, како што рече, сите поединци, служби и институции во здравствениот сектор кои деноноќно работат на превенирање и сузбивање на последиците од пандемијата.
„Ситуацијата е исклучително сериозна. Човечките и материјалните ресурси се ангажирани практично до својот максимум, а со оглед на тоа што доаѓа сезоната на сезонски грипови, и следните недели нема да биде послесно. Со цел да истраеме, како никогаш досега потребни ни се одговорност, меѓусебна солидарност и претпазливост. Уште еден аплел до граѓаните, во отсуство на вакцина или лек, нема друга алтернативна освен доследно почитување на здравствените протоколи: физичка дистанца, носење маски и драстично намален број на дружби и семејни собири. Ве молам, направете го тоа за себе и за своите најблиски“, порача Пендаровски.
Во однос на можноста за повторно прогласување на вонредна состојба, претседателот Пендаровски изјави дека во претходниот период прогласувањето на вонредната состојба овозможи во недостиг на функционално Собрание, Владата да може да носи уредби со законска сила.
Според претседателот Пендаровски, во моментов има функционално Собрание, кое може да носи закони и има јасно парламентарно мнозинство.
Потсетуваме, во Македонија вчера се регистрирани 870 нови случаи на коронавирусот (Ковид-19), што е рекордна бројка на регистрирани случаи на овој вирус во едно деноноќие во земјата. Со ова, вкупната бројка на регистрирани случаи на Ковид-19 во земјата изнесува 28.697.
Од последиците на Ковид-19 вчера починаа 14 лица, со што вкупната бројка на починати од овој вирус во земјата се искачи на 963.