Zylfije Adem Jakupi
29 Октомври 2020•Ажурирано: 30 Октомври 2020
ПРИШТИНА (АА) - На тркалезната маса на тема „Обновување на работата на реформата на јавната администрација“, одржана во косовската Влада, премиерот Авдулах Хоти изјави дека Владата одобрила намалување на јавната администрација со цел зголемување на нејзината ефикасност, јавува Агенција Анадолија (AA).
Хоти рече дека намалувањето на јавната администрација овозможува заштеда на парите на граѓаните и компаниите во интеракција со државата, со цел зголемување на економскиот раст и бруто-домашниот производ во земјата и на конкурентноста со земјите од регионот.
„Најважно за мене е да се зголеми институционалната одговорност“, рече премиерот, и додаде дека има големи очекувања од овој процес.
„Основната идеја е да започнеме со намалување на големиот број агенции, кои се 45 или 46, да се намалат законите кои се однесуваат на лиценците и инспекциите“, рече Хоти. Истакна дека ова не е процес што може да се заврши за еден или два месеца, и дека е неопходно вклучување на сите актери кои ќе бидат опфатени со реформите.
Вицепремиерот задолжен за реформи во јавната администрација, Бесник Тахири, истакна дека не може да има безболни и успешни реформи, но дека од овој процес корист ќе имаат граѓаните. Тахири наведе шест главни точки на планот за реформи, со кои се планира намалување за 30 отсто на административната оптовареност.
„Поради немарноста што се случуваше во државната администрација со години наназад, зголемен е списокот на институции кои се основани, а повеќе не се ефикасни и не се во функција на времето“, рече Тахири.
Министерот за внатрешни работи и јавна администрација, Агим Велиу, во своето излагање рече дека во јавната администрација вработени се 82 илјади лица.
Шефот на канцеларијата на Европската Унија во Косово, Томаш Шујог, потсети дека ЕУ останува посветена на поддршката на Косово во реформите на јавната администрација, која е многу важна за европската интеграција. Тој оцени дека овој процес во текот на 2019 година имал напредок, но дека во текот на оваа година нема промени во организацијата на администрацијата.