Seyyid Emin
27 Октомври 2020•Ажурирај: 28 Октомври 2020
РАДОВИШ
Претседателот на Дирекцијата на Турците во странство и сродните заедници (ЈТБ), Абдулах Ерен, ги посети радовишките села Коџалија, Аликоч и Пирналија, каде што живеат Јуруците, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ерен за време на посетата беше придружуван од претседателот на Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), Хусрев Емин, а во рамки на посетата беа доделени училишни прибори за децата.
Ерен во изјава за АА истакна дека го посетил заедничкото основно училиште на селата Коџалија и Аликоч, каде што, како што рече, учат околу 130 ученици од прво до петто оделение.
„Наставата е на турски јазик. Ги учат своите национални и духовни вредности, нивниот турски идентитет, и на овој начин растат нашите деца и браќа. Сите се наши деца“, рече Ерен, додавајќи дека иако е време на пандемија, тука дошле да ги посетат луѓето и на децата да им подарат училишен прибор, како и да ги контролираат проектите што ги реализирале претходно.
„Поддршката на Република Турција и на Дирекцијата на Турците во странство и сродните заедници (ЈТБ) секогаш ќе продолжи за нашите сонародници. Со многу различни проекти, секогаш ќе стоиме покрај нашите сонародници во Северна Македонија“, истакна Ерен.
Ерен потсети дека нивните сонародници во Северна Македонија се застапени во политиката и невладиниот сектор, и дека даваат поддршка на оваа земја.