Fatjon Cuka
20 Мај 2026•Ажурирај: 20 Мај 2026
Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека Албанија била „Северна Кореја на Европа“, но денес се движи по патот кон Европската Унија (ЕУ), пренесува Анадолу.
Во рамки на посетата на Јужна Кореја, Рама учествуваше на церемонијата за отворањето на Азиската лидерска конференција, под мотото „Надвор од турбуленциите – кон нова рамнотежа“.
Во своето обраќање, Рама нагласи дека Албанија покажува оти демократските институции можат да се изградат дури и кога историјата вели дека тоа е невозможно и дека „една земја некогаш ограничена од изолација може да се дефинира преку аспирацијата“.
„Една Кореја се претвори во симбол на обновување преку отвореност, стабилна демократија и иновации. Другата стана симбол на мракот преку изолација, владеење со сила и страв. За мене ова никогаш не било само апстрактна лекција, бидејќи во текот на едно болно поглавје од својата историја, Албанија беше ‘Северна Кореја на Европа’, а сепак денес таа оди по поинаков пат. Пат кој не е лесен, ниту совршен, секако, но суштински различен. Пат на градење институции, демократска модернизација, пат кон Европската Унија“, рече Рама.
Рама изјави дека Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија не се родила од едноумност, туку од разбирањето дека соработката е посилна од конфронтацијата и дека, на крајот, прагматизмот ја предизвикува идеологијата.
Албанскиот премиер додаде дека се наоѓа во Сеул не како човек што држи лекции, туку, според него, „како некој што сè уште учи, учи од Кореја, учи од нејзиниот пример“.
Според Владата на Албанија, Азиската лидерска конференција е платформа со глобално влијание за размена на идеи, зајакнување на довербата и градење мостови на соработка меѓу различни земји и генерации.
Премиерот Рама престојува во официјална посета на Република Јужна Кореја, а се сретна и со премиерот Ким Мин-сеок, при што во фокусот биле разговорите за односите меѓу двете земји во повеќе области.