Besar Ademi
07 Јули 2017•Ажурирај: 08 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Македонскиот институт за медиуми, во Скопје се одржа дебата на темата „Како до ефикасно справување со говорот на омраза“, и беше претставена анализата „Ефикасноста на законската регулатива за заштита од говорот на омраза“, јавува Anadolu Agency (AA).
На споменатата дебата, на која учествуваа претставници од различни граѓански здруженија во земјата и од регионот, беше истакнато дека говорот на омраза е еден феномен во процесот на комуникација кој е присутен во Македонија од нејзината независност, со различен интензитет во неговата појава во јавноста“.
Учесниците на дебатата нагласија дека најголема ескалација на проблемот со говорот на омраза е забележана во текот на конфликтот во 2001 година, со изразување антагонизам во меѓуетничките односи, а тоа поинтензивно се забележува од 2009 година досега, на етничка и политичка основа, вклучувајќи ги и медиумите, кои имаат влијание и денес.
Елена Брмбеска, од Хелсиншкиот комитет за човекови права во Македонија, истакна дека Хелсиншкиот комитет со години врши мониторинг на говорот на омраза во јавноста, особено на социјалните мрежи. Таа соопшти дека во втората половина од 2016 година, Хелсиншкиот комитет регистрирал 146 случаи на говор на омраза, додека од почетокот на 2017 година, досега се регистрирани 46 случаи на говор на омраза.
„Од нашите следења на говорот на омраза во јавниот простор имаме воспоставено една платформа на којашто ги регистрираме пријавите на граѓаните или на младите коишто следат говор на омраза. Од скорешните пријави коишто ги имаме во изминатите години постојат три основи кои коишто најчесто доминираат како основи за говор на омраза и тоа се токму етничката припадност, политичката припадност и сексуалната ориентација и родовиот идентитет“ вели Брмбеска.
Бранкица Петковиќ од Институтот за мир, Љубљана, земајќи ги како пример случаите на говор на омраза во Словенија, како земја-членка на НАТО и на Европската Унија (ЕУ), нагласи дека говорот на омраза не постои само во Македонија, туку во целиот регион, и пошироко. Таа укажа на важноста надлежните органи повеќе да се ангажираат во оваа област, за да се спречат ваквите случаи, особено во медиумите.
Петковиќ вели дека говорот на омраза во Словенија постои одамна, но оти тој бил присутен и за време на бегалската криза, и истакна: „ Сестра од една политичарка, во совја објава на јавен фејсбук профил напиша дека на влезот во Словенија од бегалците треба да се бара крштевка. Доколку не се крстени, треба да бидат одбиени. Потоа, еден новинар на Католичко радио напиша дека бегалците треба да бидат дочекани со митролези и да бидат пукани".
Како што рече Петковиќ, по реакцијата на општеството и на јавноста, на новинарот му била одземена наградата што претходно ја добил од Здружението на новинарите, и е отстранет од Словенечката демократска партија (СДС), во којашто бил член.
Организаторите на оваа дебата наменета за говорот на омраза, претставија некои препораки за справување со говорот на омраза, меѓу кои дека судските власти треба да развијат стабилен систем за спречување на актите на говор на омраза, Јавното обвинителство дефинитивно да ги гони лицата што шират говор на омраза, а судството да ги следи случаите, и исто така укажаа на потребата за поширока дебата во присуство на претставниците од медиумите, новинарските здруженија, претставници од судството, како и од граѓанскиот и владиниот сектор, со цел да се подигне свеста на пошироко општествено ниво од аспект на говорот на омраза.