Во Сенегал, болните и старите лица го пронајдоа лекот преку аква аеробик на плажите во Дакар
- На лицата со ограничена подвижност и на оние што се борат со болести во клубот им се нудат вежби што се изведуваат во вода, како и разни спортски активности приспособени на нивните потреби
Fatma Esma Arslan Özdel
15 Мај 2026•Ажурирај: 15 Мај 2026
photo: Cem Özdel / AA
ДАКАР
Во Дакар, главниот град на Сенегал, клубот за гимнастика во вода, кој пред 11 години го основал пензиониран пожарникар со само неколкумина, денес се претвори во собиралиште на илјадници повозрасни, но и болни лица што доаѓаат по препорака на своите лекари, пишува Анадолу.
Секое утро на плажата Нгор во Дакар се собираат стотици луѓе, од кои најголем дел се во поодминати години и со здравствени тешкотии, за да вежбаат аеробик во морските води.
Клубот „Les Dauphins de Ngor“ (Делфините од Нгор), основан од пензионираниот пожарникар Ндијамбе Самбе, работи шест дена во неделата, со исклучок на петок.
На лицата со ограничена подвижност и на оние што се борат со болести во клубот им се нудат вежби што се изведуваат во вода, како и разни спортски активности приспособени на нивните потреби.
Меѓу членовите има и деца, но најбројни се учесниците на возраст од 10 до 80 години, кои точно во 7 часот наутро на песокот започнуваат со вежби за загревање.
Додека волонтерите, кои се спортски тренери, работат со една група на вежби во вода, на другата страна од плажата се одржува побавна сесија за лицата со потешка попреченост.
Фотографија : Cem Özdel/AA
Помладите, пак, избираат да пливаат неколкупати до блискиот остров Нгор.
Во сесиите што траат до 10:00 часот има јога, пилатес и аеробик, но најголем интерес предизвикува гимнастиката во вода што му донесе и светска слава на овој клуб.
- „Половина од нашите членови се тука по лекарска препорака“
Основачот на клубот, 69-годишниот Самбе, за дописникот на Анадолу раскажува дека додека работел како пожарникар, често забележувал како старите и болните луѓе живеат изолирано и не се движат.
По пензионирањето одлучил да го основа клубот со намера да реализира проект токму за оваа ранлива категорија граѓани.
Иако започнал со само 10 членови, денес таа бројка надминува 3.600 луѓе. Гласот за неговиот клуб брзо се ширел „од уста до уста“.
„На почетокот не сонував дека толку многу ќе се прошириме. Но со текот на времето станавме познати низ цел Сенегал и инспирација за други градови. Сега и лекарите ги испраќаат своите пациенти кај нас. Речиси половина од членовите доаѓаат со лекарска препорака. Ова е многу попрактично и поевтино од одење во болница – ова место се претвори во болница на отворено“, вели тој.
Годишната членарина е симболична сума од 10 илјади ЦФА (околу 17 долари), а за оние со ниски примања вежбањето е бесплатно бидејќи вратите на клубот се отворени за сите.
Аисату Гује Тиам (58), која работи како медицинска сестра во центар за дијализа, им препорачува на своите пациенти да се придружат.
„Спортот е моето тајно оружје. Не користам никакви лекови бидејќи постојано се движам. Тука не само што го чуваме здравјето, туку и се дружиме“, споделува таа.
Седумдесет и едногодишната пензионирана директорка на локално училиште, Луиз Гује, вели дека од 2017 година редовно вежба аеробик во вода и се обидува да има три-четири тренинзи во неделата.
Како што одминуваат годините, движењето станува сè поскапоцено и поважно за човекот, порача таа.