Bojana Stojanovic
19 Јуни 2020•Ажурирано: 19 Јуни 2020
БЕЛГРАД
Предизборниот молк, пред парламентарните, покраинските и локалните избори во Србија почнува вечерва на полноќ и трае до затворањето на избирачките места в недела на 21 јуни во 20:00 часот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тоа значи дека вкупно 21 изборна листа кои учествуваат на изборите не смеат да имаат изборна пропаганда, да одржуваат јавни собири и да објавуваат проценки за изборните резултати.
Во текот на изборниот молк на бирачките места и на оддалеченост од 50 метри од нив забрането е истакнување на симболи и пропаганден материјал на учесниците на изборите.
На самиот ден на гласање, в недела на 21 јуни, од 7:00 часот наутро до 20:00 часот навечер дозволено е објавување на извештаи за тоа кој кандидат каде гласал, но не и нивни изјави.
Во текот на предизборниот молк дозволено е и емитување на информации за одзивот на гласачите и спотови на надлежните републички органи и невладини организации со кои на граѓаните им се даваат информации кога и каде можат да гласаат.
Право на глас на изборите имаат 6.583.665 граѓани на Србија, кои своето гласачко право ќе можат да го искористат на 8.385 изборни места.
Прва на гласачкото ливче е листата „Александар Вучиќ - За нашите деца“, под број два е „Ивица Дачиќ - СПС - ЈС - Драган Марковиќ Палма“, а потоа следуваат „Д-р Војислав Шешељ - Српска радикална партија“, „Сојуз на војводинските Унгарци - Иштван пастор“, „Александар Шпиќ - Победа за Србија“.
По нив следуваат листите „За кралството Србија - Жика Гојковиќ“, „Обединета демократска Србија“, Академик Муамер Зукорлиќ - Само право - Партија на правда и помирување - Демократска партија на Македонците“, „Метла 2020“.
Како десетти на листата се наоѓа „Милан Стаматовиќ - Здраво до победа - Драган Јовановиќ - Подобра Србија - Здрава Србија“, потоа следуваат „СДА Санџак - д-р Сулејман Угљанин“, „Милица Џурѓевиќ Стаменковски - Српска партија на покровители“.
Следуваат листите на „Народен блок - Велимир Илиќ - генерал Момир Стојановиќ“, „Сергеј Трифуновиќ - Движење на слободни граѓани“, „Суверенисти“, „Албанска демократска алтернатива - Обединета долина“, „Група на граѓани: 1 од 5 милиони“, „Маските нека паднат - Зелена партија - Нова партија“, „Чедомир Јовановиќ - Коалиција за мир“, „Руска партија - Слободан Николиќ“ и „Движење Левијатан - Живеам за Србија“.