Zylfije Adem Jakupi
27 Јуни 2020•Ажурирај: 28 Јуни 2020
ПРИШТИНА
Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, по враќањето од Брисел изјави дека објавувањето на обвинението на Специјалниот суд за воени злосторства против претседателот на Косово, Хашим Тачи, и против лидерот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели, малку ја сменило агендата на косовските власти, но нагласи дека мораат потполно да се почитуваат меѓународните обврски, јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Хоти на конференцијата за новинарите истакна дека ослободителната борба на косовскиот народ му донесе слобода и независност и дека чинот на прогласување на независноста на Косово, кое е признаено од Меѓународниот суд на правдата, потполно ја легитимира таа борба.
Хоти рече дека сите треба да го испочитуваат начелото на презумција на невиност до конечната одлука на судот.
„Треба сите да се согласиме и во потполност да го почитуваме начелото на презумција на невиност додека нема конечна одлука на надлежниот суд. Јас сум уверен дека сите наши институции ќе покажат зрелост во оваа новонастаната ситуација, како што покажавме зрелост и во минатото, потполно да ги почитуваме нашите уставни и законски обврски, но и нашите меѓународни обврски како држава“, рече Хоти.
Понатаму нагласи дека без оглед на промената на агендата овие денови и незаминувањето на косовската делегација на состанокот во Вашингтон, Владата на Косово останува посветена на дијалогот со Србија.
„Длабоко верувам дека дијалогот нема алтернатива. Тој став вчера го презентирав и пред високите функционери на Европската Унија и истото ни е побарано од високите функционери со кои се состанавме. Од интерес за државата Косово е овој процес да заврши што поскоро со оглед дека постои голема заинтересираност на Европската Унија, главните земји на ЕУ и САД“, истакна Хоти.
Косовскиот премиер рече дека имал интензивна комуникација со специјалниот претставник на американскиот претставник за дијалог, Ричард Гренел, и дека се согласиле оти состанокот во Вашингтон, што бил предвиден за 27 јуни, да го одложат за друг скорешен датум.
Како што рече, агендата на состанокот во Вашингтон останува иста, процесот на дијалогот да се поддржи преку економски развој.
Нагласи дека се вршат финалните аранжмани за Самитот во Париз, со кој ќе раководат Франција и Германија, на кој косовската страна се согласи да биде дел.
Во врска со состанокот во Брисел со највисоките челници на ЕУ, Хоти рече дека добил поддршка во врска со либерализацијата на визите и економската обнова на земјата по пандемијата на коронавирусот.