Selen Temizer
12 Јули 2022•Ажурирај: 14 Јули 2022
БРИСЕЛ (АА) - Се одржа церемонија на потпишување на одлуката за Хрватска да ја прифати валутата евро од 1 јануари 2023 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На церемонијата одржана во зградата на Советот на Европската Унија (ЕУ) присуствуваа претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, вишиот потпретседател на Комисијата на ЕУ, Валдис Домбровскис, членот на Комисијата одговорен за економија, Паоло Џентилони, министерот за финансии на Чешката Република, Збињек Стањура, и хрватскиот министер за финансии, Здравко Мариќ.
Со тоа, Хрватска стана 20-та членка на 27-члената Унија што е примена во еврозоната.
Комисијата на ЕУ на 1 јуни соопшти дека Хрватска, која е членка на ЕУ од 2013 година, е подготвена да го користи еврото како валута на почетокот на следната година.
Претседателот на Еврогрупата и ирски министер за финансии, Паскал Донахју, на 16 јуни објави дека Хрватска ги исполнила потребните критериуми и дека земјата може да премине на валутата евро од 1 јануари 2023 година.