Admir Fazlagikj
21 Декември 2017•Ажурирај: 22 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Хакан Чавушоглу, заменик претседателот на Владата на Република Турција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев беше придружуван од министерот задолжен за странски инвестиции, Андан Ќахил и пратеникот Енес Ибрахим, а заменик претседателот на Владата на Турција, Чавушоглу, беше придружуван од амбасадорката на Турција во Македонија, Тулин Еркал Кара и пратеници од Парламентот во Турција.
Како што соопштија од Владата на Република Македонија, на средбата, од двете страни е потврдена определбата за унапредување на традиционално добрите пријателски односи помеѓу Република Македонија и Република Турција, посебно во областа на економијата и трговијата.
„Турскиот вицепремиер Чавушоглу оцени дека по изборот на новата Влада, Република Македонија влегува во стабилност, како и дека Македонија заслужува да биде земја членка на НАТО поради што ќе продолжи поддршката од Република Турција на НАТО аспирациите на Македонија", се вели во соопштението.
Исто така, од Владата информираат дека е изразена надеж дека Македонија ќе добие во скоро време датум за преговори со ЕУ, а како што се наведува, поздравени се и мултиетничките политики на новата Влада на почитување на сите заедници кои живеат во Република Македонија.
„Република Македонија високо го почитува пријателството со Република Турција кое што се рефлектира со голем број на турски инвестиции во земјата, со соработка во одбраната, со МВР, во областа на образованието, културата и новата Влада таа соработка ќе ја унапреди во интерес на граѓаните на двете држави", рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, се заблагодари за поддршката од Турција за евро-атлантските интеграции на Македонија.
„Ја развиваме Македонија низ потребните реформи во општество за сите граѓани кои живеат во државата. Градиме пријателство со соседите. И, се надеваме дека овие политики ќе отворат пат на евро-атлантските стратешки цели на Република Македонија во 2018 година", додаде премиерот Заев.
Од Владата на Македонија информираат дека на состанокот се разговарало посебно за економската соработка и покачување на трговската размена.
Исто така изразена е заедничка определба за политики во интерес на стабилноста и безбедноста на двете држави, но и на регионот и на светот, преку застанување на страната на мирот, против тероризмот и радикализмот.
Заменик претседател на Владата на Република Турција, Хакан Чавушоглу, на крајот изрази благодарност до претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев за неговото лично учество во одбележувањето на денешниот национален ден на граѓаните Турци, Денот на настава на турски јазик што се одбележува во Република Македонија.
Инаку, заменик претседателот на Владата на Турција, Чавушоглу, претходно денеска го посети Гостивар каде учествуваше на церемонијата на отварањето на проектот за реставрација и опремување на основното училиште Мустафа Кемал Ататурк во Гостивар, кои се реализирани во рамките на соработката на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и Сојузот на општини на Турција (ТББ).
Во рамките на посетата на Македонија, Чавушоглу ќе се состане и со претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов.