Admir Fazlagic
17 Март 2020•Ажурирај: 18 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Шпанскиот сенат го ратификуваше Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО, со што заврши процесот на ратификација на сите членки на Алијансата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Денеска се одржа седница на Горниот дом на шпанскиот Парламент за ратификација на на Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО, после која заедничка прес-конференција во Владата на Северна Македонија одржааа министерот за надворешни работи Никола Димитров и шпанскиот амбасадор во Скопје, Емилио Лоренцо Сера.
„Шпанскиот сенат само што го рафификуваше Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО со нула гласови против. Во оваа прилика би сакал во името на Владата и сите македонски граѓани да изразам благодарност до Шпанија, шпанскиот Сенат, што ова прашање беше ставено во вакви тешки околности и за светот и за Европа, меѓтуоа и за Шпанија", истакна Димитров.
Тој истакна дека Шпанија е 29-тата, последна земја членка на НАТО што го ратификуваше Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО.
„Со тоа заврши процесот на ратификација кај сите сојузници. Шпанија сега ќе го депонира инстументот на ратификација во Стејтдепартментот како депозитар на Вашингтонскиот договор. Вашингтон ќе испрати информација до НАТО во Брисел и ние официјално од НАТО ќе бидеме поканети да го депонираме нашиот инструмент за ратификација, односно Законот за ратификација на Северноатланскиот договор којшто веќе беше усвоен во Собранието. Со тоа завршуваме еден тридецениски процес, напор, стремеж да бидеме дел од севрноатланското семејство", потенцираше Димитров.
Покрај Шпанија, Димитров упати благодарност до сите други земји членки на искажаната поддршка во заокружувањето на овој процес.
„Изградивме капацитети и способности со кои активно ќе придонсуваме во напорите на Алијансата за справување со сите безбедносни предизвици. Нашето членство ќе значи поголема регионална безбедност, ќе значи поголема регионална стабилност, а со тоа и појака трансатланска врска. Тоа нас ни дава предвидливост што не прави поинтересни за странските инвеститори", изјави Димитров и додаде:
„Нашето членство во НАТО има уште поголемо значење во време кога човештвото се соочува со заканата предизвикана од новиот вирус и кога солидарноста и заедништвото се најмоќниот одговор во справувње со оваа опасност."
Шпанскиот амбасадор во Скопје, Емилио Лоренцо Сера истакна дека денешната седница се одржа со видеолинк, а сенаторите гласаа без физички да бидат присутни во Сенатот, поради состојбата со коронавирусот.
„Шпанија минува низ тешки времиња. Сенатот направи нешто што е целосно ново во Шпанија, гласање од далечина. Беше многу важно да го донесеме овој закон за ратификација на Протоколот за пристапување. Одолжувањето се должи на непожелни околности. Ние априлските избори ги повторивме во ноември и тоа е објаснувањето зошто толку дого ни требаше да го ратификуваме протоколот", рече амабсадорот Лоренцо Сера.
По ратификацијата во Парламентот во Мадрид се очекува само уште потпис од шпанскиот крал. Протоколот, на 27 февруари доби зелено светло од Долниот дом на шпанскиот Парламент.
Потсетуваме, во Собранието на Република Северна Македонија на 11 февруари оваа година на свечена седница го ратификуваше Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор.
Северна Македонија на 12 јули 2018 година на Самитот на НАТО во Брисел доби повик да стане членка на Алијансата. Потоа, Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО е потпишан во седиштето на НАТО во Брисел во февруари минатата година. Оттогаш почна процесот на ратификација на овој Протокол во парламентите на земјите членки на Алијансата, а беше финализиран денес со ратификацијата на Шпанија.